Search

И грчките земјоделци ги блокираат патиштата

Илјадници грчки земјоделци од северот на земјата ги блокираат локалните, а сега и автопатските патишта, обидувајќи се да го свртат вниманието на насобраните проблеми предизвикани од последиците од поплавите што ги остави невремето „Даниел“.

Илјадници трактори и земјоделски машини од Лариса, Трикала, Кардица, Волос, Еврос и Пелопонез со денови се на патиштата во северна Грција. Земјоделците кампуваа и, како што велат, нема да го напуштат „бојното поле“ додека нивните претставници не бидат примени од премиерот Киријакос Мицотакис.

Главна причина за незадоволството е што на повеќето од нив не им е исплатен ветениот надомест од 2.000 евра, кој требаше да биде основен надоместок за уништениот род во овоштарници, маслинови, лозја, но во пракса тоа не одговара на реалните загуби.

Настрадаа и илјадници земјоделски машини кои беа проголтани од катастрофалните поплави, за кои ветената отштета не е ни трошка од нивната вистинска вредност која достигнува од 50.000 до 80.000 евра. Од ноември кога првата државна помош требаше да стигне до земјоделците, само мал дел од земјоделците ги виделе парите на сметките. Ова, како што велат, ги натерало да протестираат и да го свртат вниманието на јавноста дека откупните цени се ниски, дека не можат да платат струја и нафта за земјоделска механизација и дека немаат што да ја обработуваат земјата. Протестите траат повеќе од една недела. Владата најави дека е подготвена за соработка, а премиерот рече дека земјоделците се во право, па по итна постапка се одобрува дополнителна помош од пет до десет илјади евра, специјални цени на нафтата и ослободување од сметките за струја за следните две години..
Но, и тоа не е доволно за да се врати животот на нивите, лозјата и маслиновите насади. Земјоделците бараат итна средба со премиерот за лично да му ги претстават своите проблеми. Крајниот рок е сабота, по што земјоделците имаат намера да ги блокираат главните автопати и со трактори и земјоделски машини да влезат во Солун, Патрас, Волос и другите поголеми градови, каде во моментов секојдневно организираат мирни протести. Во моментов симболично на неколку часа го запираат сообраќајот на патиштата, што веќе предизвикува големи проблеми на северот на Грција.

Треба да знаете
Последни објави