Децата кои консумираат енергетски пијалоци се повеќе склони кон нарушувања на менталното здравје, покажуваат резултатите од најновата британска студија. Според истражувањето на Универзитетот во Њукасл и Тисајд, енергетските пијалоци можат да имаат негативен ефект врз детскиот мозок бидејќи нивната употреба го зголемува ризикот од ментални проблеми, вклучувајќи нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание (АДХД), депресија, анксиозност и самоубиствени мисли.
Конзумирањето енергетски пијалоци има за цел да ја зголеми енергијата со кофеин и други стимуланси. Во истражувањето, кое беше објавено во списанието Јавно здравје, научниците ги земаа предвид податоците од 57 студии кои опфатија 1,2 милиони деца и млади од повеќе од 21 земја кои консумираат енергетски пијалоци, објави Њујорк пост.
Истражувачите ја спроведоа оваа студија како продолжение на првичното истражување од 2016 година и открија уште понегативни последици за менталното и физичкото здравје на децата предизвикани од консумирањето енергетски пијалоци, рече водечкиот автор на студијата, професор на Универзитетот Тисајд Амелија Лејк.
Врз основа на овие наоди, истражувачите и другите здравствени организации во Велика Британија ја повикаа владата да ја забрани продажбата на енергетски пијалоци на деца под 16 години.