Search

Пелистер со пресврт и продолжение ја совлада Шибенка

По продолжението од пет минути, Пелистер излезе како победник против Шибенка (85:78) во осмото коло од втората регионална кошаркарска АБА2 лига. Кошаркарите на Пелистер дојдоа до третата победа по голема борба со неколку пресврти во првиот од трите дуели што неделава ќе ги одиграат на турнирот во Нови Сад. Битолчани до триумфот кој ги остава во игра за место во плејофот дојдоа со одлична игра во второто полувреме и пред се во вториот дел од продолжението, кога со серија 11:1 од минус четири дојдоа до плус шест (82:76), кои им ги донесоа посакуваните бодови. Ова е значаен успех за македонскиот претставник, ако се знае дека во првото полувреме беа во негатива од 16 поени (23:39). Центарот Јуре Планиниќ беше убедливо најдобриот поединец кај пелистерци со фантастичен дабл-дабл со 26 поени и 14 скока, а веднаш зад него беа Стефан Мијовиќ со 23 поени и осум асистенции и Александар Костоски со 14 поени. Ова беше последен натпревар од осмата рунда во АБА2 по која МЗТ Скопје е петтопласиран со скор 5:3, Пелистер е деветти со учинок 3:5, додека ТФТ е претпоследен со само една победа.

Треба да знаете
Последни објави