Search

Словенија му се спротивстави на Западот: Продолжуваме да ја финансираме агенцијата на ОН

Словенија се приклучи на повикот на генералниот секретар на ОН за продолжување на финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) и покрај обвинувањата дека некои нејзини вработени учествувале во нападот врз Израел, соопшти денеска словенечкото Министерство за надворешни работи.

„Словенија одлучи да продолжи да го поддржува финансирањето на агенцијата на ОН и покрај обвинувањата на Израел дека некои нејзини вработени учествувале во нападот на 7 октомври, бидејќи прекинот на финансирањето на УНРВА ќе ја загрози работата на агенцијата, а со тоа и животите на Палестинците во Газа и на целиот Блиски Исток“, посочуваат од министерството за словенечката агенција СТА.

Министерството нагласува дека УНРВА е една од најважните организации за заштита и доставување хуманитарна помош на милиони Палестинци, поради што Словенија лани и доделила 1,2 милиони евра, најмногу во сите години досега. Словенија нема договор за финансирање со УНРВА, а владата во од одлучува за придонеси во оваа агенција на ОН.

Висината на придонесите во УНРВА за оваа година се уште не е решена. Се известува и дека Словенија ја поздравува одлуката на високиот комесар на УНРВА, Филип Лазарини, да покрене истрага за наводната вмешаност на вработени во УНРВА во терористичките напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Министерството посочува дека очекува темелна и независна истрага и утврдување на кривичната одговорност на сите инволвирани. Најавено е и дека ќе се одржуваат редовни контакти со раководството на агенцијата во врска со настанатата ситуација. Главна цел на Словенија останува давање итна хуманитарна помош на сите на кои им е потребна, нагласуваат од министерството.

УНРВА во петокот соопшти дека отпуштила неколку вработени и започнала истрага по обвинувањата од Израел дека учествувале во нападот на Хамас врз земјата. Како резултат на овие обвинувања, САД беа првите што објавија прекин на финансирањето на агенцијата, а потоа и неколку други земји, меѓу кои Велика Британија, Италија, Германија, Франција и Австрија.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш потврди дека обвиненијата, кои исто така ги истражуваат Обединетите нации, се однесуваат на 12 лица. Девет од нив добиле отказ, еден е мртов, а идентитетот на уште двајца се утврдува. Тој ги повика земјите кои го прекинаа финансирањето барем да обезбедат продолжување на операциите на УНРВА. Гутереш и шефот на УНРВА Лазарини уверуваат дека одговорните ќе одговараат за своите постапки.

Оваа хуманитарна агенција на ОН е основана во 1949 година и обезбедува хуманитарна помош, образование, социјални услуги и здравствена заштита на 5,9 милиони палестински бегалци во Појасот Газа, Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија. Според веб-страницата, УНРВА е една од најголемите агенции на ОН. Има повеќе од 30.000 вработени, вклучувајќи 13.000 само во Појасот Газа.

Треба да знаете
Последни објави