Ако БиХ не ги почне преговорите за членство во март, можно е да нема втора шанса, смета хрватска европратеничка

Доколку Босна и Херцеговина не го започне пристапниот преговарачки процес со ЕУ во март, не само што ќе ја загуби цела 2024 година на патот кон Унијата, туку можеби и никогаш повеќе нема да добие шанса за отпочнување на преговори за членство, смета хрватската европратеничка Жељана Зовко. 

– Ако Босна не го искористи сегашниот момент, тогаш многу е веројатно дека нема да има следната можност, барем не во догледна иднина. Од друга страна, штом ќе ги започнете преговорите, тоа е веќе завршена приказна, бидејќи не можете да се вратите на кандидатскиот статус. Значи, сега е клучниот момент. Ако некој во Босна не го разбира тоа, тогаш залутал во политиката, изјави Зовко во интервју за „Еурактив“. 

Зовко, која по потекло е од БиХ и е поранешна босанска амбасадорка во Шпанија, Франција и Италија, а сега европратеничка од Хрватска од редовите на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), вели дека политичката клима во Европа се менува и дека власт во некои земји членки на ЕУ доаѓаат партии кои се противат на натамошно проширување на Унијата. 

– Затоа е важно е Босна конечно да започне дипломатска офанзива и да дејствува заедно, а не поделено, додава Зовко. 

Според неа, по минатонеделната посета на претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен на Сараево во придружба на премиерите на Хрватска и Холандија, Андреј Пленковиќ и Марк Руте, сега дипломатските претставници на БиХ треба да се упатат кон европските центри каде што се носат одлуките, како Берлин, Париз или Рим. 

– Во сегашните услови, Босна треба да бара започнување на преговорите во март. На ист начин, треба да почнеме да ја менуваме климата што владее околу Босна во Европа и да покажеме дека таа е земја која може самостојно да носи одлуки. За тоа, сепак, потребно е политичарите во Босна да работат за влез во ЕУ, а не против тоа, заклучи Зовко, додавајќи дека во Европа постои верување дека БиХ е се уште земја во криза. 

Според неа, нема скратени патчиња при движењето кон ЕУ и затоа БиХ мора прво да го исполни она што Унијата го бара од неа. 

За време на минатонеделната посета на Сараево, и Пленковиќ и Руте предупредија и дека доколку БиХ не стартува со пристапните преговори најдоцна во март, тие нема да започнат до крајот на оваа година, бидејќи ЕУ ја чекаат изборите за Европскиот парламент, а потоа и изборот на носителите на водечките функции во блокот и формирањето на новата Европска комисија, процес што ќе трае до на есен. 

БиХ доби статус на кандидат за членство во ЕУ на крајот на 2022 година и се надеваше дека ќе ги започне преговорите во текот на минатата година, но наместо тоа европските лидери на декемврискиот Самит се согласија на „условен“ старт на преговарачкиот процес, доколку до март годинава земјата ги исполни клучните барања поставени од страна на Унијата.

Треба да знаете
Последни објави