Кина ги повика САД да ја поддржат политиката на една Кина за време на состанокот Ванг-Саливан

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска за време на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во Бангкок го повика Вашингтон да ја поддржи политиката на една Кина и мирното обединување со Тајван.

Шефот на кинеската дипломатија за време на средбата истакна дека тајванското прашање е внатрешно прашање на Кина и дека неодамнешните избори во Тајван „не можат да го променат фактот дека Тајван е дел од Кина“.

„Соединетите Држави треба строго да се придржуваат до принципот на една Кина и трите заеднички кинеско-американски коминике, за да ја исполнат својата обврска да не ја поддржуваат „независноста на Тајван да го поддржуваат мирното обединување на Кина“, рече Ванг, цитиран од кинеското Министерство за надворешни работи.

Според Ванг, евентуалното прогласување независност на Тајван би било најголемиот предизвик за кинеско-американските односи, како и најголем ризик за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец.

Шефот на кинеската дипломатија истакна дека САД и Кина треба да се однесуваат едни со други како еднакви и да не се гледаат со презир, да бараат основа за соработка наместо да ги истакнуваат разликите и искрено да се почитуваат меѓусебно и да не им наштетуваат на основните интереси.
Ванг и Саливан разговараа и за прашањата на Блискиот Исток, Украина, Корејскиот Полуостров и Јужното Кинеско Море.

Двајцата официјални лица се согласија соодветно да се справат со важни и чувствителни прашања во односите меѓу САД и Кина, соопшти Министерството.

Треба да знаете
Последни објави