Search

Ќе биде ли ВМРО-ДПМНЕ осамена пред и по изборите?

На неколку денови пред почетокот на мандатот на техничката Влада политичките партии ги прават последните пресметки како и со кого да настапат на парламентарнте избори закажани за осми мај. 

Веќе со месеци се најавува таканаречен Европски фронт, во кој би влегле владејачките партии СДСМ и ДУИ, засилени со Алијанса за Албанците и кој би настапил на заеднички листи со што избива како голем фаворит за победа на изборите имајќи ја предвид распределбата на мандатите според Донтовиот модел.

Иако тој процес се уште е во тек, според информациите што доаѓаат од владејачките партии судбината на блокот се уште е непозната, но сега за сега поголеми се шансите заеднички листи да има, отколку да нема.

Работите се прилично кристализирани и во опозицискиот дел од албанскиот политички кампус. Таму веќе е создаден Европски сојуз (а не фронт) каде ќе настапат три политички партии од албанскиот етнички блок.

Кога станува збор за опозицискиот блок кај македонскиот етнички кампус, таму работите се доста нејасни. 

Главниот збор таму се уште го има ВМРО-ДПМНЕ со своите традиционални коалициски партнери како Социјалистичката партија, одредени партии на Србите, Ромите, Бошњаците и Еѓипќаните. 

Одреден период се зборуваше дека ВМРО-ДПМНЕ би се здружила со Левица во опозициски блок кој би се спротивставил на Европскиот фронт, но сега за сега тоа е речиси невозможно. 

ВМРО-ДПМЕ и Левица иако правеа заеднички напори во 2021 година за формирање ново парламентарно мнозинство, иако постизборно коалицираа во советите на општините, сепак нивната соработка траеше многу кратко, за сега двете партии често меѓусебно да се обвинуваат која од нив е вистинска опозиција.

Тоа, се чини дека е логичен след, ако се има предвид фактот што и двете партии црпат гласови од идентичен „базен“.

Но, во опозицијата станува прилично „шарено“ откако таму се појавија неколку нови политички субјекти. 

„Нова алтернатива“ е последниот од нив, партија што сега е предводена од Данела Арсовска, истата Арсовска која беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ со кои по само една години ја растури соработката и влезе во жесток конфликт со лидерот Христијан Мицкоски.

Од недоамна своја партија има и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој во периодов отвора општински ограноци по градовите низ државата. 

Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски веќе поодамна делува сам со својата партија ГРОМ

Заедничко за сите три политички партии е што се во кавга со ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, а не се исклучува можноста и за заеднички настап на изборите. 

Ваквата поставеност на нештата имплицира дека ВМРО-ДПМНЕ речиси и воопшто да нема коалициски капацитет, надвор од досегашната коалиција, па дури и да победи на озборите, прашање е како би стигнала до формирање на парламентарно мнозинство. 

Цврстиот став за уставните измени на партијата на Мицкоски и ги затвора вратите кај албанскиот опозициски блока, а кавгите и меѓусебните напади ја затвораат вратата кај македонскиот опозициски блок. 

Истражувањата на јавното мислење, односите во општеството, и предизборниот период што доаѓа а кој по правило е тензичен и валкан, укажуваат дека пред нас се можеби најнеизвесните парламетнарни избори од чиј исход ќе зависи правецот што државата ќе го зазеде во следните неколку години.

Треба да знаете
Последни објави