Search

Пленковиќ: Европа мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети, тоа сите го сфативме

Европската Унија мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети, а нејзините членки го сфатија тоа, изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, на Светскиот економски форум во Давос.

Премиерот зборуваше на панелот „Бранење на европскиот обединет фронт“, на кој присуствуваа полскиот претседател Анджеј Дуда, шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, унгарската претседателка, Каталин Новак, и претставничката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја.

„Европската Унија мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети. Ова е нешто што мислам дека сите го разбравме и за кое сите бевме јасно ангажирани“, рече Пленковиќ во дискусијата за европската безбедност, пренесе „Индекс“.

Хрватска покажа посилен ангажман со зголемување на средствата за одбрана за повеќе од 100 отсто во последните седум години, додаде хрватскиот премиер.

Зборувајќи за руската агресија врз Украина и европскиот одговор, Пленковиќ рече дека „цврсто верува оти ЕУ ќе истрае да ѝ помага на Украина“.

Полскиот претседател рече дека иако не е „политички коректно да се каже, Полска се чувствува уморна од војната во Украина“. Сепак, тој додаде дека Варшава ќе продолжи да помага.

Шефот на украинската дипломатија одговори дека не слушнал ниту еден западен функционер, на состаноци или во приватни разговори, да каже дека помошта ќе престане и дека Киев не чувствува притисок да почне мировни преговори.

„Оваа година целта е да ја исфрлиме Русија од небо бидејќи оној што го контролира небото, ќе ја добие војната“, додаде Кулеба.

Унгарскaта претседателка рече дека треба да се разговара за заморот од војната за да се намали. Претставничката на земјата чиј премиер Виктор Орбан ја забавува европската помош за Украина јасно ја осуди руската агресија врз таа земја.

„Мораме да ставиме до знаење дека Русија не може да победи во таа војна“, рече Новак.

Тихановскаја истакна дека судбината на Белорусија е поврзана со Украина поради што победата на Киев е исклучително важна за нејзината земја.

„Без слободна Украина, нема слободна Белорусија“, изјави претставничката на опозицијата во земјата додавајќи дека Александар Лукашенко моментно е во многу кревка позиција во која ја изгубил поддршката од населението, па затоа зависи од помошта на Москва.

Треба да знаете
Последни објави