Search

Во Германија заврши тридневниот штрајк на машиновозачите, ГДЛ се заканува со подолги штрајкови

Машиновозачите во Германија вечерва го прекинаа тридневниот штрајк, а претседателот на синдикатот ГДЛ Клаус Везелски го повика главниот железнички оператор Дојче бан да размисли за нивните барања во следните неколку дена, во спротивно, се закани со посилни и подолги штрајкови.

„По завршувањето на штрајкот, ќе и дадеме малку време на компанијата да се вразуми. Доколку не го сторат тоа, ќе следи понатамошна акција. Ќе биде подолго и уште посилно ќе ја погоди компанијата“, изјави Везелски во Берлин, а пренесува германски Шпигел.

Штрајкот на машиновозачите се одржа откако пропаднаа преговорите меѓу синдикатот ГДЛ и Дојче Бан за зголемување на платите и намалување на работното време на вработените во германските железници.

Синдикатот бара намалување на работното време од 38 на 35 часа неделно, покачување од 555 евра месечно и еднократен компензациски бонус за инфлација од 3.000 евра.

Дојче бан неодамна ја покани ГДЛ да се врати на преговарачка маса.
Подготвени сме за преговори, подготвени сме да разговараме“, изјави во Берлин портпаролката на Дојче бан, Ања Брокер.

Во Германија, пак, продолжуваат протестите на земјоделците против плановите на германската влада да ги прекине субвенциите за гориво.

Земјоделците протестите ги започнаа во понеделник, а предвидено е да траат до 15 јануари.

Треба да знаете
Последни објави