Search

Стано: Сите политички актери треба да го почитуваат суверенитетот и интегритетот на БиХ

Европската унија постојано ги повикува сите политички актери во Босна и Херцеговина, особено оние во Република Српска, да се воздржат од провокативна реторика и постапки што го доведуваат во прашање суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на земјата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.  – ЕУ секогаш нагласува дека мора да се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок и меѓународниот статус на Босна и Херцеговина. Секоја активност насочена против овие принципи ќе води до сериозни последици, изјави Стано на денешниот пладневен брифинг во одговор на новинарско прашања во врска со прославата на „Денот на Република Српска“ и најавите за прогласување независност на српскиот ентитет во БиХ. Во однос на легалноста на „Денот на Република Српска“, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Стано потсети дека Уставниот суд на БиХ во два наврати пресуди дека законодавството со кое се прогласува „Ден на Република Српска“ не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина, додавајќи дека ЕУ инсистира на почитување на судските одлуки.  Во врска со учеството на „делегации на други земји“ на прославата на „Денот на Република Српска“, Стано истакна дека регионалната соработка и добрососедските односи се многу важни за ЕУ и за сите земји од регионот на Западниот Балкан кои сакаат да и се приклучат на Унијата.  – Тие се суштински дел од напредокот на овие земји на европскиот пат.Постапките, изјавите или гестовите кои негативно влијаат на добрососедските односи и регионалната соработка и кои водат до политички поделби треба да се избегнуваат.Очекуваме од сите наши партнери, вклучително и од Србија, да бидат посветени на европската перспектива на БиХ како единствена и суверена држава, чиј територијален интегритет, единство и суверенитет нема да се доведуваат во прашање, додаде Стано. На прашање со какви последици можат да се соочат оние што не ги почитуваат овие принципи, Стано нагласи дека постојат можности за воведување политички, економски, финансиски или рестриктивни мерки и кога земјите членки на ЕУ ќе постигнат согласност за тоа и кога ќе решат дека „е веќе доста“, ќе може да се преземат конкретни чекори.

Треба да знаете
Последни објави