Search

Тасевски: Нападнати вработени во контролата за летање

Во објектот на контрола на летање на М-НАВ денеска биле нападнати вработени во контролата за летање. Како што објави на својот фејсбук профил претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, случајот е пријавен во полициска станица Петровец, а запознаени и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи.

Инцидентот се случил по прес-конференцијата на првиот синдикалец на Контрола на летање, Александар Тасевски, на која Синдикатот најави масовни оставки во М-НАВ во знак на револт поради, како што рекоа, партиските вработувања во оваа институција.

– Пред околу 30 минути во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање, мои колеги. Случајот е пријавен во полициска станица Петровец, запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи. Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време, а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект, напиша Тасевски на својот фејсбук профил.

Според него, овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата кога „секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“.

Инцидентот го потврди и Министерството за внатрешни работи.

– Денеска околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во МНАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во писмениот одговор од МВР до „Нова македонија“.

Тасевски на денешната прес-конференција изјави дека 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција. Не ја исклучуваат и можноста за штрајк, кој, вели дека ќе биде од сите вработени во Македонска навигација.

Пред инцидентот, а по прес-конференцијата на Тасевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, изјави дека безбедноста на авиосообраќајот во Македонија не е нарушена.

Треба да знаете
Последни објави