Search

САД ги пополнуваат стратешките резерви на нафта

САД планираат да купат до три милиона барели сурова нафта од домашно производство со датум на испорака во април за пополнување на стратешките резерви, соопшти Министерството за енергетика.

Во 2022 година, 31 земја-членка на Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ – IEA) пласираа на пазарот вкупно 182,7 милиони барели нафта од стратешките резерви за да обезбедат снабдување и да го ограничат растот на цените предизвикан од руската инвазија во Украина и западните санкции против Москва.

САД и нивните сојузници воведоа ограничување на цената на руската нафта од 60 долари за барел, заканувајќи им се на западните осигурителни и превозници со санкции доколку превезуваат или осигуруваат товари со поскапа руска нафта. За надминување на лимитот, тие санкционираа група превозници со седиште во Турција и Обединетите Арапски Емирати. Таквите ограничувања, сепак, не важат за барелите руска нафта кои се преземаат од трети земји, каде можеби се преработени.

Продажбата на нафта од резерви го отвори прашањето за одржување на пропишаното ниво на залихи, кое според МАЕ мора да покрие најмалку 90 дена од просечниот дневен нето увоз на нафта. Членките мора да бидат подготвени заеднички да одговорат на сериозните нарушувања на снабдувањето кои влијаат на светскиот пазар.

На крајот на октомври, членките на МАЕ имаа околу 1,2 милијарди барели на залиха. САД објавија дека планираат да купат шест милиони барели сурова нафта за стратешки резерви во декември и јануари, откако продадоа рекордни 180 милиони барели во 2022 година. Во средата известија дека ќе купат три милиона барели, додавајќи дека понуди за откуп ќе добијат до 10 јануари.

Досега Министерството има купено околу 13,8 милиони барели по просечна цена од 75,63 долари за барел, што е речиси 20 долари помалку отколку кога беа продадени во 2022 година.

Американските стратешки резерви се најголеми во светот и моментално изнесуваат околу 354,4 милиони барели. Тие се чуваат во подземни солени пештери на четири локации во Тексас и Луизијана.

Треба да знаете
Последни објави