Search

Завршуваат критичните 72 часа од земјотресот во Јапонија, шансата за преживување драстично се намалува

Спасувачките тимови денеска продолжија со потрагата по исчезнатите лица во централна Јапонија по разорниот земјотрес на 1 јануари, а бројот на загинати денеска се искачи на повеќе од 80.

Речиси 80 лица се водат за исчезнати.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида побара да се направат максимални напори за да се спасат што повеќе животи во првите 72 часа по земјотресот од 7,6 степени бидејќи по 72 часа драстично се намалуваат шансите за преживување на жртвите, објави „Кјодо“.

Владата планира да искористи околу 28 милиони долари од резервниот фонд за да ги зајакне спасувачките напори откако бројот на војници вклучени во спасувањето двојно се зголеми на 4.600.

Сè уште не е познат степенот на штетата поради оштетените патишта и прекините на комуникацијата во префектурата Ишикава.

Се верува дека голем број луѓе сѐ уште се закопани во урнатините на градот Ваџима.

Речиси 750 луѓе се блокирани во области, како што се Ваџима и Сузу, како и на патиштата што водат до најтешко погодените области.

Во средата постоеше загриженост дека дождот може да предизвика лизгање на земјиштето во областите погодени од земјотресот.

Приближно 34.000 луѓе во Ишикава и денеска се во центрите за евакуација.

Според централната власт, најмалку 200 згради се оштетени или целосно се урнале.

Во пристаништето Ваџима цунами-брановите беа високи најмалку 1,2 метар.

Треба да знаете
Последни објави