Search

Во Белгија за прв пат повеќе електрична енергија од обновливи извори отколку од фосилни горива

Во Белгија минатата година 27,7 отсто од електричната енергија е произведена од сончева и ветерна енергија, и за првпат повеќе електрична енергија е добиена од обновливи извори отколку од фосилни горива.

Уделот на обновливите извори е повеќе од двојно зголемен во однос на 2019 година, кога изнесуваше 13,4 отсто, додека во 2022 година тој удел беше 19,5 отсто.

Обновливите извори, сонцето, ветерот, биомасата и отпадот, имале удел од 30 отсто во енергетскиот микс на Белгија, според пресметките на специјализираната веб-страница Energy-charts.info, пренесе белгиската новинска агенција Белга.

Во апсолутна сума, обновливите извори со 23.460 гигават-часови произведена електрична енергија ги надминаа фосилните горива, кои произведоа 22.150 гигават-часови.

Зголемувањето на учеството на ОИЕ не е последица само на изградбата на нови турбини на ветер и соларни панели, туку и намалување на производството на електрична енергија поради затворањето на два нуклеарни реактори и натамошниот пад на потрошувачката.

Во 2023 година во Белгија се произведени 76.900 гигават-часови електрична енергија, 13 отсто помалку од претходната година.

Слична е ситуацијата и во некои други земји, на пример во Германија, каде што зголемувањето на учеството на енергија од обновливи извори на повеќе од 50 отсто е резултат на инвестициите во ОИЕ и намалувањето на потрошувачката.

Треба да знаете
Последни објави