Search

Весна Дамева се враќа на чело на Судскиот совет

Судскиот совет  денес на итна седница го прифати барањето за оставка на претседателот Сашко Георгиев и согласно пресудата на Управен суд, донесе одлука да ја врати на функција поранешната претседателка Весна Дамева, која беше разрешена во мај минатата година.

Заменик претседателот на Судски совет, Ханиф Зендели нагласи дека нема да се расправа по пресудата на Управниот суд, односно со самото поништување на одлуката за нејзино разрешување, на сила се враќа одлуката за избор на Дамева за претседателка на Судски совет.

Според Зендели, Дамева ќе претседава со првата наредна седница на Судски совет.

Управниот суд денеска ја објави пресудата во која меѓу другото е наведено дека Судскиот совет не дал никакви образложени причини поради кои ја разрешил од функција поранешната претседателка Весна Дамева, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на Одлуката за нејзиното разрешување.

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во мај минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. Членови на Советот се посомневаа дека го сокрила писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер во кое го критикува судството, но јавно не го кажаа тоа и како причина и без соодветно образложение на тензична седница со која претседавањето го презеде заменик-претседателот Селим Адеми надвор од пропишаните постапки беше изгласано разрешување на Дамева. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.

Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.

Треба да знаете
Последни објави