Search

Високиот комесар на ОН за човекови права ја повика Русија веднаш да ги запре нападите врз Украина

Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Тирк денеска изјави дека е „шокиран“ од новиот смртоносен бран руски напади врз Украина и ја повика Москва „веднаш да ги запре нападите“.

– Шокиран сум од новата серија на големи координирани напади со ракети и дрнови во кои, според Киев, загинаа најмалку 18 лица, рече Тирк.

Тој ја повика Русија веднаш да ги запре нападите во Украина и да ги почитува меѓународните закони кои се однесуваат на конфликти.

– Меѓународното хуманитарно право експлицитно забранува напади кои се намерно насочени кон цивилни објекти, како и неселективни напади, без оглед на околностите, рече тој.

Тирк посочи дека овие напади погодиле голем број цивилни згради, како што се станбени згради, породилиште, училишта, паркови, метро станица и трговски центар, како и енергетска инфраструктура.

Тој додаде дека спасувачките екипи се уште трагаат по луѓето затрупани под урнатините на станбените згради.

Според податоците на украинските воздухопловни сили, Русија денеска лансирала 158 проектили и дронови кон Украина, од кои 114 биле уништени. Тоа беше окарактеризирано како најмасовниот напад од почетокот на војната.

Според украинските власти, во нападите загинале најмалку 18 лица, а 132 се ранети. Спасувачките екипи се уште трагаат по жртвите под урнатините на зградите.

Треба да знаете
Последни објави