Аргентина официјално одби да се приклучи на БРИКС

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеj и официјално ја одби поканата Аргентина да се приклучи на БРИКС.

Според аргентинските медиуми, Милеј пред неколку дена испратил официјални писма до кинескиот претседател Кси Џинпинг и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, во кои ги информирал за одбивањето на Аргентина да се приклучи на БРИКС.

Лидерот на Аргентина за ваквата одлука ги информирал претседателот на Бразил Луис Инасио Лула да Силва, премиерот на Индија Нарендра Моди и претседателот на Јужна Африка Сирил Рамафоса, пренесува „Буенос Аирес Хералд“, јави Танјуг.

Во писмото, Милеј посочи дека неговата влада во овој момент не го смета за „соодветно“ инкорпорирањето во блокот.

Претходникот на Милеј, Алберто Фернандез, претходно најави дека Аргентина ќе се приклучи на БРИКС во август, тврдејќи дека тоа ќе и овозможи на земјата да ги развие своите трговски партнерства низ светот.

За време на изборната кампања, Милај посочи дека неговата влада ќе се стреми да ги подобри односите со САД, Израел и „слободниот свет“.

Во август, БРИКС дозволи влез на Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, заедно со Аргентина.

Милеј постојано изјави дека во надворешната политика има намера да се фокусира на односите со Вашингтон, а не на земјите од БРИКС.

Според него, Буенос Аирес треба да се откаже од пезосот и да се приклучи на земјите кои го користат американскиот долар како своја официјална валута, како и да ја укине Централната банка и неколку министерства, намалувајќи го владиниот апарат.

Треба да знаете
Последни објави