Search

Трамп: Бајден нека скапува во пеколот, честит Божиќ

Повеќето од светските политички, духовни и национални лидери го слават Божиќ со повици за мир или со нагласување на доблестите на семејството и заедницата, но тоа не е стилот на Доналд Трамп, пишува Си-ен-ен.

Поранешниот претседател, според медиумот, ги искажа својот гнев и горчина на својата социјална мрежа „Вистина“ на Бадник и Божиќ.

Трамп ги нападна претседателот Џо Бајден и специјалниот советник Џек Смит. Во жестоките објави, како што е пренесено, Трамп ја засили својата екстремна реторика за имиграцијата и го повтори својот став за неограничената претседателска моќ поради која критичарите се плашат од автократија доколку победи на следните избори.

Според написите, само три недели пред да почне гласањето во трката за републиканска претседателска номинација Трамп е фаворит.

А неговите тиради, во време кога Американците кои го слават Божиќ се собираат со најблиските и бараат момент на мир, навестуваат бесна состојба на умот и целосно негирање, пишува Си-ен-ен.

Трамп вечерта на Бадник со големи букви најави.

„Тие ја шпионираа мојата кампања, го лажеа Конгресот, ја мамеа ФИСА, ги фалсификуваа претседателските избори, им дозволија на милиони луѓе, многумина од затвори и ментални институции, да ја преплават нашата земја, а насилниците и изродите на Џо Бајден, како лудиот Џек Смит, ме прогонуваат на невиден начин. Тоа се вика мешање во избори. Честит Божиќ!“

Неговото расположение не беше поинакво и на Божиќ кога го обвини Бајден за организирање и мешање во изборите.

Во една од своите објави тој им го честита Божиќ на „светските лидери, и добри и лоши“, нагласувајќи: „Никој од нив не е толку злобен и болен како насилниците што ги имаме во нашата земја“.

Во најновиот напад врз Бајден и Смит, Трамп напиша: „Нека скапуваат во пеколот. Честит Божиќ уште еднаш!“

Милиони Американци, веројатно, ќе гласаат за Трамп на претседателските прелиминарни избори покажувајќи дека не се вознемирени од неговото однесување или неговиот растечки екстремизам, додава Си-ен-ен.

Треба да знаете
Последни објави