Search

Грковска: Поддршката за конкретни антикорупциски решенија ќе покаже кој е искрен во заложбите, а кому му е само флоскула

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во вечерашното гостување во Дневникот на Националната радио-телевизија се осврна на нејзиниот предлог да се пристапи кон измени на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се прошири опсегот и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во домашното законодавство.

„Договорот за стратешко партнерство помеѓу САД и Република Северна Македонија, во еден дел се однесува и на борбата со корупцијата и организираниот криминал, и токму затоа ја поткренав таа иницијатива да се прошири опсегот на рестриктивни мерки, да се однесува за борба против корупцијата, организираниот криминал и тероризам, а координативното тело одлучи да се вметнат и хибридните дејствија против државата. И да се олесни законската процедура, според македонскиот легален систем за оние лица кои се ставени на црна листа, да се процесираат во македонското законодавство”.

Грковска истакна дека оваа иницијатива била поздравена и од страна на координаторот на Стејт Департментот на САД за глобално спречување на корупцијата, Ричард Нефју, со кого таа одржа средба во рамки на Конференцијата на земји потписнички на Конвенцијата на ОН против корупцијата во Атланта, САД.

На прашањето дали очекува поддршка од опозицијата за усвојување на овој закон, вицепремиерката Грковска истакна: „Ретко ќе наидете на некој којшто ќе каже дека не се залага за борба со корупцијата. Но, кога станува збор за конкретни решенија кои одат во насока на поефикасна борба со корупцијата, ќе се види кој е искрен во тие заложби, а кому тоа му е само флоскула”.

Треба да знаете
Последни објави