Search

Пробиотиците се одлични борци против микропластиката што ја јадеме

Загрижувачки е проблемот со микропластиката и нашиот организам. Се чини дека многу малку можеме да направиме за да ги спречиме овие ситни честички да го најдат својот пат во нашата крв, мозок, бели дробови и други делови од нашето тело, но звучи охрабрувачки што голем број студии сега покажуваат дека имаме барем една евтина , пристапна линија на одбрана од штетата поврзана со пластиката во нашиот дигестивен систем – пробиотиците.

Веќе постојат докази дека овие бактерии, кои се наоѓаат во ферментирана храна како јогурт, кисела зелка и кимчи (корејски прилог најчесто направен од ферментирана корејска/кинеска зелка), го поддржуваат нашиот имунолошки систем и нудат придобивки што можат да ги ублажат гастроинтестиналните проблеми, воспаленија и алергии. Според резултатите од новото истражување, се чини дека тие би можеле да ни помогнат и во борбата против проблемите што ги создаваат овие пенетрирачки петрохемиски честички.

За жал, пробиотиците не можат магично да ги отстранат пластичните честички од нашите тела. Сепак, некои истражувања сугерираат дека добрите микроби може да помогнат да се намалат некои од токсичните ефекти и воспалението што пластиката ги предизвикува во нашите гастроинтестинални системи.

Летово, тим од ирански истражувачи објави прегледна студија која истражува како пробиотиците можат да заштитат од штетните ефекти на пластиката врз цревната флора. Пробиотските микроорганизми можат да комуницираат со честичките од полистирен „за да ги модифицираат нивните токсични ефекти врз различни ткива“, напишаа тие.

Не само што одредени пробиотици можат да му помогнат на нашите црева – тие би можеле да помогнат во намалувањето на хемиските адитиви што се испуштаат од пакувањето на храната и пијалоците уште пред да стигнат до нашите тела.

Резултатите од научното истражување зад она што пластиката му прави на нашите тела и какви придобивки можат да понудат пробиотиците се сè уште прелиминарни. Сепак, истражувачите наоѓаат докази за поддршка на теоријата дека вообичаените соеви на пробиотици, особено бактериите на млечна киселина, како оние што се наоѓаат во јогуртот, лебот од кисело тесто и киселите краставички, може да помогнат да се спротивстават на ефектите на хемикалиите што микропластиката ги внесува во нашето тело преку храната.

Треба да знаете
Последни објави