Search

Реал Мадрид ја научил лекцијата и без проблем си поигра со Партизан

Актуелниот победник во кошаркарската Евролигата, шпанскиот Реал Мадрид го продолжува победничкиот поход и во 16. коло ја прокнижи 15. победа сезонава. „Кралевите“ очигледно ја научиле лекцијата од минатата сезона во дуелите со Партизан. Сега убедливо го совладаа српскиот претставник Партизан (91:75), кој во разигрувањето во завршницата од минатата сезона им зададе сериозни главоболки и двапати ги совлада среде Мадрид. Реал овојпат не дозволи такво сценарио пред своите гледачи, ја контролираше играта и резултатот и доколку играше под полна пареа сигурно ќе оствареше и многу поубедлива победа.  Во третата четвртина, предноста на „кралевите“ изнесуваше 27 поени, а Партизан со серија од 7:0 се спаси од поубделив пораз.

Џанан Муса беше најефикасен играч на мечот со 23 поени од кои 16 во првите 15 минути. Кабокло го предводеше Партизан со 18 поени, но главната работа Реал ја заврши во одбраната на Пантер кој беше задржан на само четири поени за 23 минути во игра.

Партизан ја заврши серијата од пет победи во Евролигата и вкупно девет ако се сметаат сите натпреварувања во кои учествува. Тоа го искористија Валенсија која со триумфот против Виртус се израмни со белградскиот тим, а истото утре можат да го направат и Панатинаикос, Монако, Фенербахче и Басконија.

Резултати: Макаби – Црвена звезда 92:98, Валенсија – Виртус 79:71, Реал – Партизан 91:75

Треба да знаете
Последни објави