Search

Во завршна фаза изградбата на браната Конско, најголемиот капитален водостопански објект во последните 50 години

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска во Гевгелија извршија увид на завршите активности од изградбата на најзначајниот и најголем водоснабдителен проект браната Конско.

Браната Конско е целосна инвестиција на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вредна 40 милиони евра, што претставува и најголем капитален водостопански објект, во последните 50 години, финансиран од Министерството. Градежните активности се во завршна фаза и согласно динамиката треба да завршат до крајот на овој месец, по што би следувале тестирањата на системите и потоа официјалното пуштање во употреба на овој важен проект.

Изградбата на браната Конско е важен проект во развојот на македонското земјоделство, во наводнувањето на земјоделските површини, но важна и за развој на туризмот и јакнењето на економијата во целиот регион.

Преку нов систем за наводнување и вештачко езеро, со браната Конско за 5 пати се зголемува наводнувањето на земјоделските површини, со капацитет за наводнување на 8.000 хектари плодно земјиште. Во целост се обезбедува потребната вода за наводнување на земјоделските површини во текот на целата година за 6.500 хектари земјоделско земјиште во јужниот дел од државата.  

„За мене лично овој проект остава личен и историски белег. Започнавме со градба во 2018 година, поставувајќи го камен темелот и еве денес до финална реализација на овој проект во 2023 година. Бенефитите од изградбата на браната Конско, покрај развој и наводнување на земјоделското земјиште, се многубројни за сите граѓани од овој регион. Па така оваа брана обезбедува редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, потоа во производството на електрична енергија. Но она што е и можеби најзначајно е обезбедувањето на вода и редовен торур за дотур на Дојранското Езеро”, истакна министерот Николовски.

Овој голем капитален проект го поттикнува развојот на земјоделството, влијае врз развојот на економијата во Општина Гевгелија, и унапредувањето на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој регион.

„Со доаѓањето на оваа Влада во 2017 година една од нашите главни заложби беше да создадеме конкурентно земјоделство, кое ќе резултира со зголемување на производството на храна, а тоа пак ќе има импакт и врз регионалниот економски развој кој Владата го стимулира и преку финансиска поддршка на новите инвестиции”, истакна заменик претседателот Битиќи.

Нема стабилно и квалитетно земјоделство без доволно вода. Една од петте клучни цели на Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во оваа 2023 година беа и капиталните инвестиции во водостопанството. Оваа година со буџет од 884,9 милиони денари ги продолжуваме проектите со изградбата на браната Речани и Равен, изградбата на трета фаза од Јужновардарска долина и ги работевме малите системи за наводнување во Конопница и Теарце, а ги завршивме системите Чаушица, Славишко Поле, Пишица и Зајас.

Посветено продолжуваме и во следната 2024 година да вложуваме во изградба и реконструкција на системите за наводнување, обезбедувајќи стабилно и редовно наводнување до секоја една земјоделска површина.

Треба да знаете
Последни објави