Search

Јакимовски обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира изгласувањето на новиот буџет на Општината

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска обвини дека на последната седница на Советот на општината не биле изгласани проекти од програмите за работа со кои се доведуваат до знак прашање средства за поддршка на младите во општината.

Јакимовски вели дека поради блокадите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната дружина, младите луѓе од Општина Карпош нема да добијат субвенции за возачки дозволи, со тоа што гласале против овие мерки, но и го закочиле гласањето на општинскиот буџет за наредната 2024 година со поднесување на бројни амандмани.

„Има луѓе кои ако видат среќни луѓе се обидуваат да им ја украдат среќата, токму такви се советниците од ВМРО-ДПМНЕ и нивните соработници. Тие украдоа среќата на средношколци на кои им субвенциониравме полагање на возачки дозволи. Гласаа против стипендиите за талентирани спортисти од 8мо и 9то одделение, а да ве потсетам во сегашната фудбалска репрезентација тројца фудбалери се токму стипендисти на Општина Карпош“рече Јакимовски.

Тој обвини и дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ се причина зошто од 2024 година, децата од предучилишна возраст во општината нема да можат да прават цветно дефиле, а укината била и манифестацијата „Карпош има талент“. Покрај ова, гласале и против детски литературни конкурси, изложби и прогласување на заслужни граѓани.

Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека амандманите се поднесени за да се запре бетонизацијата и профитот на луѓе блиски на власта, преку грбот на Јакимовски преку ДУП-от кај Алумина каде што сопственикот на „Пуцко Петрол“, чиј татко е пратеник од владејачката ДУИ, ќе треба да гради кули и згради со кои ќе се блокира цел Карпош за да се инкасира 600 милиони евра профит за неговата фирма, и дека ВМРО-ДПМНЕ е категорично против бизнис интересите на власта да го направат Карпош бетонска џунгла.

Инаку, со Деталниот урбанистички план за „Алумина“ се дозволува изградба на згради со 35 ката. Планот во моментов е на јавна анкета, а анкетни листови можат да поднесат само сопствениците на земјиштето, а според градоначалникот Стево Јакимовски, новите згради кај „Алумина“ предвидени во Деталниот урбанистички план се современи објекти како што има во Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија и во Белград,

Тој претходно кажа и дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ шири лаги за проектот.

„Не сум ни очекувал дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа деталните урбанистички планови затоа што тие се нови објекти современи како што има Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија, Белград, тие се за згради за барок, со лажен барок, исто како што е лажна нивната политика, како што се лажни нивните патриотизми како што се лажни и нивните заложби за зеленило во објект во кој што изградиле, а нема ниту еден квадратен метар за зеленило, туку има пет-шест саксии напред од кои три им се веќе овенати. Зборуваат за бетонски чудовишта, а што е ова зад нас ако не е бетонско чудовиште и кое претставува најголема бетонизација на квадратен метар во Република Македонија. Сите ние овде се сеќаваме на една мала зградичка на два ката, една жолта зградичка со мало дворче, гледате ли сега во какво бетонско чудовиште ова се изроди, каде што речиси целата парцела е искористена да се изгради ова седмокатно чудовиште во кое мало им беше чудовиштето што го направија, па изградија и кула, што би рекол великиот Кочо Рацин „За себе банки ѕидаат, банки палат и кули тенки високи“ истакна Јакимовски.

Според него, очигледно е дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да поддржуваат современи проекти, каде што, како што вели, во Карпош ќе се обезбеди паркинг-простор за 2 500 граѓани и каде што ќе има дополнителни 1 000 паркинг-места за сите граѓани на Карпош.

„На пример, лага е дека нема да има две висококатници, туку дека ќе има многу повеќе, односно дека ќе има 35-катници. Лага е дека ќе има сенка врз бараките, затоа што овие објекти од девет до 11 ката се повлечени 35 метри од улицата Прашка. Направени се симулации дека воопшто не ги загрозува ни кога е најниско сонцето. Понатаму, лага е дека се земени висини од другите бараки за да се додаде овде висина, кога еве тоа е сосема посебен блок и воопшто не пречат во блокот каде што се бараките. Значи дека и со Генералниот урбанистички план е водено сметка и за инфраструктура и за водоснабдување и за канализации, за училишта и градинки. Еден проект кој е современ очигледно настојуваат да го искористат како еден маркетинг, неуспешен маркетинг. Зошто? Зошто тој исти проект два пати беше презентиран пред советниците и никој од советничките групи не дадоа некаква сугестија иако беа прашани, туку напротив советничката Невена Георгиевска стана и кажа ’Јас искрена да бидам, мене овој проект многу ми се допаѓа, ама нека се прави на некое друго место’. Е сега, дали ви е јасно дека тие се целосно разрушени и буквално се запрепастени од квалитетот на проектот од онаа убавина која многу граѓани ја поддржуваат да се изгради и практично Карпош повторно ќе биде водечка општина во државата каде што ќе има бизнис-кули, каде што луѓето ќе работат и ќе живеат, да има градинка која ќе ѝ биде подарена на Општината, да има пензионерски клуб, детски игралишта итн.“рече градоначалникот на Карпош.

Треба да знаете
Последни објави