Search

Ѓуриќ – скопјанец во Замбија: Тука не треба да си член на партија или да имаш вујко министер за да станеш милионер

Светислав Ѓуриќ е познат скопски лик, човек кој своевремено публиката го гледаше на ТВ екраните преку емиси за спортски лов и риболов. Но Ѓуриќ е и со голем авантуристички дух, човек кој сака предизвици и сака да оди во „непознато“. Стотици илјадници граѓани од Македонија се раселени низ меридијаните по светот, и ако повеќето од нив се определуваат за Европа, Америка, Австралија или Нов Зеланд, Ѓуриќ ја одбира Африка, поточно малата држава Замбија. Како се случило тоа и како се живее во Африка, прочтајте во интервјуто што го направивме со него. 

Колку време живеете во Замбија и зошто се одлучивте токму таму да живеете?

Ѓуриќ: Пред се, интересно е тоа како јас всушност и се одлучив за Африка. Имено, верувам дека во денешно време, секој што носи одлука да ја напушти Македонија, прво што му паѓа на памет е најверојатно некоја европска земја како Германија, Холандија можеби, Франција или Малта како една од најпопуларните дестинации денес, или можеби Америка, Нов Зеланд… Ретко кој би помислил за Африка. Имав гости, мој пријатели од Европа, од Македонија и Србија, и можам да кажам дека сите што дошле овде, дошле со одредени предрасуди. Како што не учеле во школо, Африка е континент од ‘’третиот свет’’ и луѓето мислат дека овде во Африка се уште се живее во колиби од трска и кал и дека слонови и жирафи шетаат по улица. Но реалноста е сосема поинаква. И што е најубаво, сите што биле во Африка и си заминале, си заминале со прекрасни импресии. Но, да почнам од почеток. 

Во 1991 година почнав да работам во казино. За тоа е ‘’крив’’ татко ми кој еднаш, имајки некој состанок со негов пријател, господинот Кранго, кој работеше во казиното во Гранд хотел, ме поведе и мене да му правам друштво. Тој момент, кога влегов внатре и кога ја осетив таа атмосфера, енергија, звукот на жетоните и на топчето како спинува во рулетот, таа елеганција на крупиерите… едноставно ме маѓепса. И истиот момент му кажав на татко ми дека ова ќе биде мојата професија. А г-нот Кранго, кажа една реченица која ќе ја паметам цел живот, а всушност кажа цела вистина за казинскиот бизнис. Рече: „ Казиното е опиум, гламур и ектсаваганција, и пекол во исто време’’. Во текот на моите 30 и кусур години работење по казина, го сфатив тоа и ја сфатив тежината и смислата на таа реченица. 

Поминувајки безмалку низ сите скопски и македонски казина, во 2006 година работев во казиното во ‘’Александар Палас’’ хотелот во Скопје, воедно и последно казино каде сум работел во Македонија. Таму, како Генерален Менаџер работеше еден господин од Шкотска. Искусен во бизнисот, а што беше најважно за мене, риболовец. И преку пасијата за риболов станавме пријатели. Еден ден, седејки во кафулињата на Кеј и разменувајки риболовни искуства, го прашав дали може да ми даде препорака за работа надвор од Македонија, мислејки на Англија, Америка, секаде каде би можел да се снајдам со моето познавање на англискиот јазик. А тој, смирено, ми вика: – Батали Европа, батали Америка. Ако сакаш да уживаш, да видиш недопрена убавина и секој ден да ти биде различен и за паметење, оди во Африка. Но не било каде во Африка. Само во оние земји кои се околу екваторот како Кенија, Танзанија, Замбија. Јас тогаш реагирав исто како што реагираат пријателите мои кои доаѓаат кај мене на гости. – Абе Африка, колиби, лавови по улица, слонови… ?? Се изнасмеа слатко и ми рече: Оди, нема да зажалиш и цел живот ке ме благословуваш. И не згреши ни милиметар. 

Мое прво искуство со Африка беше градчето Мванза во Танзанија, на езерото Викторија. Во градчето еден хотел, еден супермаркет, една улица која завршува со кружен тек и те враќа назад, неколку мотели за туристи ловци и риболовци и тоа е тоа. Но енергијата која ја осетив веднаш по слетувањето, знаев дека тоа е тоа. Од таму после една година преминав во Дар ес Салам, најглавниот економски град во Танзанија, а потоа почнав да шетам. Замбија, Малави, Гана и Кенија. Во 2010 година, дојдов во Замбија да отворам и да водам ново и најголемо казино во Замбија во тоа време. И се беше супер. Во меѓувреме, ме забележа еден млад господин, Грк од Кипар, сопственик на друго казино во Лусака. И ми даде понуда да работам за него. Условен со договор од првобитното казино бев принуден да го одбијам, но се договоривме веднаш кога ке се ослободам од обврската према договорот, да му се јавам. Од казиното бев пратен прво во Малави а потоа и во Гана, затоа што сопственикот има и таму казино и му требам таму. Прифатив. Поминав година дена во Гана работејки во ‘’Милионер казино’’ во Акра. И веќе се прочистува критериумот. Не секоја земја во Африка е  „рај на земја’“. Малави е пресиромашна, нема голем избор, комарци, маларија, низок стандард, Гана е претопла преку ден 43 навечер 41 степен, влага од океанот – не се диши. Во 2012 добивам понуда да одам во Најроби во Кенија и ја прифаќам. Понудата не беше нешто посебно но сакав да поминам период во Кенија. И во меѓувреме му се јавувам на Гркот со инфо дека сум слободен и да даде понуда. Понудата стигна за 3 дена. Ја прифатив моментално. И се вратив во Замбија. И останав до 2015. 

Што е тоа што го нуди Африка, а го нема во Европа? 

Ѓуриќ: Од Африка отидов во Малта. Работев во најголемото казино во Малта цели 5 години. Но не бев среќен. Се беше ок. И платата ок, и позицијата, морето, дружбата, се… Но не беше тоа тоа. Се осеќав како да сум затворен во кафез со златни решетки. Малта е 27 км долга и 17км широка. И на цела Малта има 20 дрва. Се е камен, карпа и бетон. Сенка ни за лек. Како што поминуваше времето така желбата да избегам од таму беше се поголема. И правев обиди и експерименти. Хрватска Загреб, Ирска Даблин, па дури и Ирак. Но нигде не се пронајдов. Каде да се бега ? Еден ден седнав на балкон, си земав чаша виски и се запрашав: – после сите овие патешествија и поминати дестинации, каде се осеќав најубаво и каде бев најсреќен. Одговорот дојде за 15 секунди. ЗАМБИЈА. И не чекав многу. За една недела се спакував и си дојдов во Лусака. 

Дали има и други Македонци (или лица од екс Ју) во Замбија? 

Ѓуриќ: Сега, работам повторно на струката. Не директно во казино но поврзано со казино и игри на среќа. Имено, Замбија како и другите африкански земји се во чекор со Европа, Азија и светот кога се работи за игри на среќа. Многу популарно станува онлајн казиното и кладилниците. Во моментов во Замбија има 3 големи компании – кладилници и околу 8 онлајн кладилници. Интересно е тоа што првата кладилница отворена во Замбија е сопственост на мој добар пријател Братислав Шалипур, Србин од Прибој. Кладилницата се вика ‘’Болабет’’ {Бола – на локален њанџа јасик значи топка] и е отворена пред 17 години. На времето, кога бевме Југославија и кога Тито шеташе по Африка, негов многу добар пријател му станал тогашниот претседател на Замбија – Кенет Каунда. И тогаш Замбија и Југославија имале многу добра соработка. Патиштата, висококатниците, школите, биле изградени од југословени. Дури и имало неколку гигантски југословенски фирми од типот на Енергоинвест, Гранит и други стационирани тука во Замбија. И имало околу 7000 југословенски фамилии, највеќе од Србија. Многу се вратиле но многу и останале тука. Им се родиле деца, тие деца тука завршиле школи, стекнале пријатели, и останале тука. Ги нема во таков број како тогаш но сеуште ги има. Македонци сме само јас и Бранко, човек кој е главен и одговорен за најголемиот аеродром во Замбија.

Мала дигресија. Кенет Каунда има јавно изјавено дека Тито е единствениот белец кој дошол во Замбија и ништо не изнел од тука туку само носел во Замбија, од луѓе стручнаци, материјали, машинерија и сл. Тито бил екстремно почитуван тука како од претседателот така и од населението. Има своја улица и до пред некоја година уште му стоеше резиденцијата. А од населението, нема човек кој е постар од 50 години да не знае или да не слушнал за Тито.

Каков е животниот стандард, колку изнесува просечната плата и какво е државното уредување во Замбија? 

Ѓуриќ: Генерално стандардот е низок. Просечна плата за локалното население кое што има завршено средно школо е околу 4000 квачи преведено во пари е помалку од 200 долари. Африка е под голема пресија од светските сили, што од Америка и другите колонизаторски земји, а во последно време и од Кина. А се заради ресурсите и природното богатсто што Африка го има. И како тоа богатство да се експлоатира а населението да не се побуни ? Едноставно. Држи го населението необразовано. Приватните школи се многу скапи и 90% од населението не може да си приушти. А државното школство е неквалитетно. Од друга страна и не се нешто многу вредни и работливи и има корупција на високо ниво. Уредувањето е исто како во Македонија, претседател, премиер, парламент. Многу сличности со Македонија 

Дали би се вратиле во Македонија? 

Ѓуриќ: Не. Имам две деца, керка и син. Тие не се тука родени но тука се пораснати. Научија да зборуваат прво англиски па потоа македонски јазик. Овде за нив е многу побезбедно одколку во Македонија и Европа. И кога ке завршат школо ке имаат многу повеќе шанси да успеат во животот тука одколку во македонија. Овде не треба да бидеш член на партија или министерот да ти биде вујко за да направиш милиони. 

Треба да знаете
Последни објави