Search

Руси-Поповска: Потенцијалот за соработка меѓу Бугарија и С. Македонија е огромен, трговската размена е над милијарда евра

„Би рекла дека потенцијалот за подинамична мултисекторска соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија е навистина огромен. Минатата година имавме историски високо ниво на трговска размена од над една милијарда евра. Прогнозите за оваа година се дека ќе успееме да го постигнеме истото ниво, а можеби и малку да го надминеме нивото на трговска размена што го постигнавме минатата година“ рече македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска во интервју за бугарската ТВ Нова.

Таа додаде дека има континуирани позитивни резултати и во прекуграничната соработка.

„Коридорот 8 е стратешки проект меѓу нашите две земји, чија вредност во последно време се зголемува. Во Северна Македонија работиме на железничко поврзување и нашите очекувања се до крајот на 2027 година да имаме железничко поврзување до границата со Бугарија“ рече Руси-Поповска.

Амбасадорката додаде дека и културната соработка е динамична, за што придонесуваат културно-информативните центри во Софија и Скопје, но има потенцијал и интерес за уште поголема соработка.

„Длабоко верувам дека можеме да бидеме најблиски земји и убедена сум дека со градење атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување, со мудрост и такт, навистина можеме да отвориме нова парадигма во македонско-бугарските односи“ рече Руси-Поповска.

Треба да знаете
Последни објави