Search

МВР и Обвинителството на висина на задачата, разбија монструозна група која ги грабнала и убила Вања и Панче

Неколку денови беа доволни македонската полиција да ги пронајде киднаперите (а како што подоцна ќе се дознае) и убијците на младата скопјанка Вања Ѓорчевска која исчезна минатиот понеделник. 

Група од пет члена, меѓу кои и самиот татко на Ѓорчевска, прво ја киднапирале, а потоа и усмртиле ученичката. 

Истовремено истата група го киднапирала и убила и велешанецот Панче Жежовски.

Мотивите за таквите свирепи и монструозни убиства биле пари и тоа во некоја незначителна сума. 

Колку и во други случаи да е спора и трома реакцијата на институциите, сепак во овој случај Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство успеаја во реалтивно кус рок, ефикасно да го решат случајот, а најголем дел од осомничените веќе и да се најдат во притвор. 

Првоосмничен за двојното свирепо убиство е Љупчо Палевски лидер на една политичка партија кој се наоѓа во бегство, но имајќи предвид дека за него се очекува да биде распишана меѓународна потерница, за очекување е тој брзо да се најде пред органите на прогонот.

Она што особено е за поздравување е професионалниот однос на МВР кон целиот случај, од самиот момент на пријавување на исчезнувањето на Вања па се до лоцирање на виновниците. 

Полицијата редовно ја информираше јавноста, не дозволувајќи да протечат информации од истрагата, но и да не се разгорат меѓуетнички тензии, нешто што беше очигледна цел на одредени центри на моќ.

Јавноста беше сведок дека одредени интернет портали лиферуваа различни информации, дека Вања е пронајдена, дека самата се криела од семејството,дека е надвор од државата, дека е видена во Косово, во Србија, со што предизвикаа дополнителна паника меѓу граѓаните, особено меѓу родителите.

На крајот, доцна синоќа, проструија одредени информации на социјалните мрежи околу Вања, па и МВР и Обвинителството мораа да излезат со информации кои ги покрија сите шпекулации за грозоморниот чин. 

Но целосната вистина излезе на виделина рано утрово каде министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и надлежниот обвинител Гаврил Бубевски, до детали ја информираа јавноста за случајот со Вања Ѓорчевска, но и за помалку заборавениот случај на исчезнатиот Панче Жежовски од Велес.

Следење на возила, следење на комуникации, оперативни акции за обезбедување, ангажман на повеќе од 100 полициски службеници се само дел од мерките што МВР ги презело во последните седум денови за целосно расчистување на случаите со исчезнатите и сега за жал, убиени лица. 

За споредба, пред 11 години, на МВР му требаа многу повеќе денови за да ги лоцира убијците на петте млади момчиња убиени кај Смилковско езеро иако се работеше за смислен обид да се предизвика општа опасност и вознемиреност во јавноста, а пред седум години, многу подолго траеше и потрагата по лицата кои упаднаа во Собрание и се обидоа да убијат пратеници, иако имаше десеттици снимки од безбедносните камери и од камерите на медиумите. 

Откако виновниците за свирепите убиства на Ѓорчевска и Жежовски се пронајдени, сега на ред се судските органи соодветно, низ судска процедура истите да ги санкционираат.

Треба да знаете
Последни објави