Search

Меѓународниот кривичен суд ги повика Израел и Хамас да го почитуваат меѓународното право

Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска ги повика и Израел и Хамас да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да овозможат испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа.

Кан, по четиридневната посета на југот на Израел и окупираниот Западен Брег, рече дека цивилите во Појасот Газа итно треба да добијат пристап до храна, вода, лекови и медицински материјали во потребниот обем.

Кан предупреди дека Хамас не смее да ја злоупотребува оваа хуманитарна помош.

„Сите актери мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право“, посочи Кан, наведувајќи дека, во спротивно, нема да поднесуваат жалби кога работи неговата канцеларија.

Кан рече дека му понудил на Израел помош во истрагата на МКС за злосторства извршени од Хамас за време на нападите на 7 октомври, иако земјата не е членка на судот со седиште во Хаг и не ја признава неговата јурисдикција.

„Нападите врз невините израелски цивили претставуваат некои од најтешките меѓународни злосторства што го шокираат човештвото, злосторства за кои е основан МКС“, рече Кан.

Кан, исто така, го повика Израел да направи се што може за да ги заштити цивилите во Појасот Газа за време на нападите врз Хамас, како и да ги запре нападите на израелските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег.

„Кредибилните наводи за злосторства за време на сегашниот конфликт треба да бидат предмет на навремена независна проверка и истраги“, рече Кан.

По нападот на 7 октомври, Кан изјави дека МКС има јурисдикција над потенцијалните воени злосторства извршени од Хамас во Израел, како и за злосторствата на Израел во Појасот Газа.
МКС истражува можни воени злосторства и злосторства против човештвото извршени на палестинските окупирани територии од 2021 година.

Треба да знаете
Последни објави