Search

За ВМРО-ДПМНЕ антикризните мерки биле „трошки“ но за пензионерите се конкретна помош

ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ја напаѓа власта дека деветтиот пакет антикризни мерки, не била реална помош туку само обид за предизборен поткуп. 

Игнорирајќи ги останатите мерки, опозициската партија се фокусира на мерките за дополнителна финансиска помош и истата ја оценува како недоволна. 

Според мерките, пензионерите со најниски пензии, односно со пензии од 14 до 19 илјади денари, во следните месеци ќе добиваат по 3.000, 2.000, односно 1.500 денари месечно во зависност од висината на пензијата. 

Но, тоа за ВМРО-ДПМНЕ биле трошки, а партијата сумата од 3.000 денари месечно ја разложува на дневна основа и тврди дека пензионерите ќе добијат по 100 денари месечно.

„78 проценти покачување на функционерските плати се многу повеќе од 100 денари што Владата на СДС и Ковачевски ќе им ги даваат на пензионерите и студентите само неколку месеци. Станува збор за реален изборен поткуп со кој се потценуваат нашите сограѓани. Трошки за народот, за функционерите од Владата зголемени плати“, изјави Марија Митева, портпаролка и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, во разговор со пензионерите со кои имавме можност да контактираме, голем дел од нив не го кријат задоволството што ќе добијат дополнителни парични средства во претстојниот период. 

„Мојата пензија е нешто повеќе од 12.000 денари и кога ќе се додат тие 3.000 денари испаѓа дека пензијата ми е поголема за 25 проценти. Тоа е добро и добро е што пензиите се зголемуваат два пати годишно, можеби треба процентот на зголемување да биде поголем, ама тие се можностите на државата„ истакна Ленче Аврамовска, пензионирана негувателка од Скопје. 

Но има и пензионери кои сметаат дека поддршката треба да биде постојана и навремена.

„Добро е што има некаква помош, ама таа треба да биде постојана, не само за неколку месеци, затоа што многу од пензионерите се преработени луѓе, не можат да заработат некоја пара плус“ изјави Трајче Сотировски, пензионер од Скопје. 

Зимските месеци важат за „поскапи“ месеци од останатите и секоја поддршка плус е добредојдена, и одреден вид на помош особено кон ранливите категории  е чест случај во многу европски држави, не само во Македонија, но во период кога државата влегува во предизборие, сепак политичките партии и ваквиот начин на поддршка на граѓаните го гледаат низ партиска призма и го користат за дневнополитичко препукување. 

Треба да знаете
Последни објави