Министерскиот совет на ОБСЕ – доказ дека Македонија може успешно да организира глобални и важни настани

Повеќе од 24 часа, очите на светската политичка јавност се свртени кон Скопје, кон спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде се одржува 30тиот Минисетрски совет на ОБСЕ.

Глобалната безбедносна организација се наоѓа во специфичен период пред се поради руската агресија врз Украина, но и внатрешната поларизација и нарушените односи помеѓу поедини земји членки. 

Сепак на самитот во Скопје, се носат важни одлуки за иднината на оваа организација, но и за глобалните односи и безбедноста. 

Но настрана од политичките предизвици, Скопје, Македонија и нејзините инситуции до сега се покажуваат како врвни домаќини.

Над 70 делегации, со вкупно над 1.000 учесници деновиве се во Скопје, а на тоа треба да се додадат и бројните медиумски претставници од државата, регионот но и од цела Европа кои будно го следат самитот. 

За медиумските работнции, организацијата е на највисоко ниво. Навремено се споделуваат сите потребни информации, сите измени во агендата, а навремена и сесрдна помош добиваат и од ангажираните лица од МНР и СЕП.

Одлична е и координираноста со Министерството за внатрешни работи, а безбедноста на сите е на највисоко ниво. 

За потребите на овој Самит договорен е и посебен протокол на дел од клиниките на скопскиот клинички центар. 

Едноставно, во Скопје, никогаш порано немало толку многу високи државни претставници во 24 или 48 часа, а по организацијата на овој самит, може слободно да застане рамо до рамо со важните европски метрополи.

Дека 30. Министерски совет е огромно достигнување на државата, се согласува и државниот врв. 

„Вложивме големи напори за да овозможиме продуктивен амбиент за овој еминентен собир на министри и високи претставници на 57-те земји учеснички и 11-те партнери за соработка. Овој настан е кулминација на нашето овогодишно претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности, верувам ќе се сложите, не е лесен ангажман“ порача премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на отворањето на Советот.

Граѓаните дисциплинирани, ги почитуваат сите инструкции од полициските службеници

Иако претходно се стравуваше дека ќе се случи хаос и сообраќаен метеж, денеска во центарот на Скопје немаше поголеми застои освен вообичаените кога е таканаречениот сообраќаен „шпиц“.

Повремено, поради тоа што училиштата и државната адмнистрација не работеа, се доби чувство дека денеска е недела, наместо четврток. 

Граѓаните беа дисциплинирани и ги почитуваа укажувањата на полициските службеници кои ги обезбедуваа блокираните крстосници, екипите на Итната медицинска помош возеа слободно, улиците генерално беа ослободени од непрописно паркирани возила.

Треба да знаете
Последни објави