Над 20.000 просветни работници штрајкуваат во Германија

Во Германија денеска штрајкуваа над 20.000 просветни работници во јавниот сектор, соопшти Синдикатот за образование и наука (ГЕВ).

„Доколку работодавачот конечно не реагира и не почне правично да ги плаќа вработените во јавниот сектор, кризата со недостигот на професионална работна сила дополнително ќе се продлабочи“, рече претседателот на ГЕВ Дорин Шиберник на централниот состанок во Лајпциг, каде се собраа околу 7.000 просветни работници.

Освен во Лајпциг, големи собири се одржаа и во Берлин, Хамбург и Карлсруе, каде на улиците излегоа илјадници вработени во училишта, факултети, градинки и канцеларии за млади.

Зиберник објасни дека просветните работници и работниците во образовните институции се особено погодени од недостигот на работна сила, што остава непополнети многу работни места во секторот.

Според студијата објавена денеска од фондацијата Бертелсман, ситуацијата е критична, особено во градинките, каде недостигаат над 430.000 места за градинки поради недостиг на наставници.

Синдикатите бараат од работодавачот, односно градовите и општините, платата да се зголеми за 10,5 отсто или најмалку 500 евра месечно. Дополнително, бараат и договор на неопределено време за студенти кои работат во образованието пред да ги завршат студиите.

Следната недела ќе се одржи нова рунда преговори меѓу синдикатите и работодавачите.

Треба да знаете
Последни објави