Search

Итно да се истражи и соопшти од што почина жирафата Флопи!

Итно да се истражи и соопшти од што почина жирафата Флопи, бара здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, од каде прашуваат кој ја мониторира здравствената состојба и ја гарантира безбедноста на животните во скопската Зоолошка градина. Активистите велат дека треба конечно да се разбере дека животот зад решетки не е живот туку казна и дека треба да запре страдањето на животните во доживотно заробеништво и генерирање профит врз грбот на нивните несреќни судбини.

Бараме итно запирање на прием на нови единки и промена на концептот на зоолошките во Македонија во центри за рехабилитација на животните, престојот да биде ставен во функција на оние животни кои се веќе затекнати и живи, со забрана за набавка на нови. Бараме да се искористи секоја можност за нивно подарување во центри во Европа кои се поадекватни за нивната благосостојба за што се ставаме на располагање – велат во соопштението од „Анима Мунди“.

Оттаму укажуваат дека животните се држат на тесен простор, на доживотна робија, немаат приватност, и многу малку можност за ментална стимулација, социјализација со сопствениот вид или телесна активност. Тоа, според нив, резултира во абнормално и самодеструктивно однесување кое се нарекува зоохоза.

Величествените животни во Зоолошките стануваат само свои бледи сенки. Одземено им е сѐ што животот го прави вреден за живеење: семејството, заедницата, слободата и можноста да одберат како ќе го минат својот живот – дури и кога тие животи не се нималку лесни. Бараме да се овозможи комплетен видео мониторинг на сите животни 24/7 и увид во видео надзорот на сите живеалишта, итно да се открие која е причината што вчера почина и младата жирафа Флопи. Каде е раководството на Зоо Скопје да се произнесе или поднесе оставка? Бараме итна стручна анализа што се случува и казни за сите кои се одговорни – бараат од Здружението.

Треба да знаете
Последни објави