Search

Индиските работници се уште се во тунелот: сите сигурни решенија се потрошени

Судбината на 41 индиски работник заробени во урнатиот планински тунел виси на конец додека спасувачите почнуваат ризичен обид, да дупчат вертикално надолу за да се обидат да ги извлечат, пишува Гардијан. Работниците се заробени во тунелот Силкјара-Баркот во планинската држава Утараханд повеќе од две недели, откако се урна на влезот на тунелот, создавајќи бариера од бетонски шут, остатоци и метал.

Властите минатата недела оптимистички ветуваа дека спасувањето е при крај, откако успеаја да ја пробијат урнатината од 50 метри, а останаа само последните 10 до 15 метри. Сепак, операцијата наиде на бројни пречки во завршната фаза.

Огромна машина за дупчење, увезена од САД, се расипа во петокот откако удри во метална бариера. Властите соопштија дека таа се поправа, а во меѓувреме 200 спасувачи рачно ги дупчеа и отстрануваа урнатините користејќи систем со макара, макотрпен и долг процес.

Националната управа за управување со катастрофи (NDMA) соопшти дека спасувачите почнале вертикално да ја дупчат шуплината на тунелот каде што работниците биле заробени. Сепак, се смета за далеку поризичен процес од хоризонталното дупчење.

Официјалните лица рекоа дека овој метод би можел да предизвика вибрации во и онака кревката хималајска геологија и да отвори можност за формирање на нови пукнатини и потенцијално уривање на голем дел од таванот на тунелот.

Геолозите предупредија дека вертикалното дупчење е „голем ризик“ бидејќи силните вибрации предизвикани од дупчењето надолу може да претставуваат „огромна закана“ и да го дестабилизираат околниот терен. Претставниците на НДМА потврдија дека вертикалното дупчење започнало вчера попладне.

„Потребни се 86 метри копање за да се дојде до затрупаните работници и да се изврши нивното извлекување. Веќе се пробиени 15 метри“, посочија оттаму. На помош беа повикани и армијата и воздухопловните сили. Денес, индиските власти соопштија дека вертикалното дупчење би можело да биде завршено до четврток, но исто така предупредија дека може да поминат „денови или недели“ пред да стигнат до луѓето доколку се појават нови пречки.

Арнолд Дикс, експерт донесен од Австралија за да помогне во операцијата, даде поконзервативна временска рамка. „Може да потрае некое време, можеби и до еден месец, но не можам да дадам точна временска рамка. Не е препорачливо да се брза со процесот. Приоритет е безбедното враќање на овие мажи и уверен сум дека тие ќе бидат дома за Божиќ“, процени тој.

Со луѓето внатре се одржува постојан контакт преку мала водоводна цевка, низ која поминуваат храна и кислород, а потоа преку поголема доводна цевка од 15 сантиметри, која беше успешно ставена минатата недела, што значи дека работниците можат да добијат свежо зготвена храна, овошје и потребните лекови.

И покрај ниските температури надвор, во тунелот е топло. Ендоскопската камера вметната во цевката исто така помогна да се следи состојбата на заробените мажи. Сиед Ата Хаснаин, службеник на НДМА, се обиде да ги увери роднините и јавноста дека заробените работници сè уште се безбедни.

„На сите им беше дадена храна и лекови. Медицински и психо-социјални експерти се таму и си ја вршат својата работа. Се преземаат сите мерки на претпазливост за сечија безбедност“, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави