Search

Државата продаде три стана и гаража на Водно, конфискувани од Мијалков, во буџетот влегоа над 330 000 евра

Успешно завршила денешната аукција на четири недовижности конфискувани од Сашо Мијалков во случајот „Империја“ за кој ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнвање (УБК) Сашо Мијалков во моментов издржува затворска казна.

За исходот од јавното наддавање попладнево на прес-конференција информираше директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Нубиу, кој истакна дека со продажбата на конфискуваниот имот на Мијалков во буџетот ќе бидат вратени 332 276 евра.

Ова е вкупната сума што на аукцијата ја постигнале трите стана и гаража на улицата „Славејко Арсов“ во елитната скопска населба Водно.

„Имајќи предвид дека нивната продажба се одвиваше денеска по пат на електронско јавно наддавање кое беше транспаретно, со задоволство објавувам дека продажбата на следните недвижности: три стана коишто се наоѓаат на улицата Славејко Арсов, еден од 78 метри квадратни, два од 73 метри квадратни и гаража од 30 метри квадратни во КО Центар 2, заврши успешно. Согласно постигнатите вредности од наддвањето, во државниот буџет ќе бидат уплатени парични средства, одземени од граѓаните во вкупна вредност од 332 276 евра“изјави Небиу, посочувајќи дека наддавањето се одвивало непречено.

Директорот на Агенцијата најави дека наскоро ќе биде објавен оглас за продажна и на други недвижности одземени од Мијалков со правосилна судска пресуда, нагласувајќи дека инситутцијата со која раководи ги извршува своите надлежности „во рамките на законот и во служба на граѓаните“.

Прашан каков имот ќе се најде на следниот оглас, Небиу рече дека станува збор за останатите конфискувани недвижности од Мијалков во „Империја“, како градежно земјиште и станови.

„Значи целиот имот опфатен во предметот на г. Сашо Мијалков, тие имоти што останале, има недвиожности, градежно земјиште, има станови, ќе гледаме кој од нив е подготвен да излезе. Ги известувам сите граѓани на Република Северна Македонија дека другата недела ќе има јавна ааукција, која ќе биде прикачена на електронскиот систем од предметот на поранешниот директор г . Сашо Мијалков“рече директорот на Агенцијата за управување со одземен имот.

Сепак, тој не сакаше да открие кој ги купил недвижностите на денешната аукција и дали трите стана и гаражата ги купило едно лице или завршиле кај повеќемина.

„Законот во Република Северна Македонија вели децидно дека се кој граѓанин, физичко или правно лице има право да учествува на јавното наддавање освен вработените внатре во Агенцијата или осуденото лице. Сите останати имаат право да аплицираат и да купуваат“изјави Небиу во врска со прашањата во оваа насока.

Тој во врска со заплашувањата и заканите кон вработени во институцијата поради продажбата на конфискуван имот за што неодамна информираше на прес-конференција, рече дека надлежните работат по неговата пријава.

Вработените се мета на закани поради обидите да продадат имот што е ставен на аукција, вели директорот на Агенцијата за конфискуван имот

Небиу ги повика граѓаните слободно да се пријавуваат на огласите за продажба на конфискуван имот, бидејќи никој не е над законот.

„Мислам дека има напредок, има чекори, се работи на тој случај. Еве ја користам оваа прилика да ги охрабрам граѓаните на Република Северна Маскедонија во секое јавно наддавање, на секоја аукција што ние ја даваме, како и оние претходно, да аплицираат и да конкурираат слободно заради тоа што законот е над сите нас. Никој не е над законот. Ние само го почитуваме законот и ќе продолжиме без никакви пречки, без никаков застој во нашето понатамошно раководење со Агенцијата за управување со одземен имот“порача директорот на Агенцијата за управување со одземен имот.

Инаку, претходно Агенцијата кон крајот на август, исто така преку електронско јавно наддавање успешно продаде три одземени недвижности од ексшефот на УБК за сума од 244 000 евра.

Со денешната аукција, државата преку Агенцијата за управување со недвижен имот во буџетот инкасираше вкупно над половина милион евра или поточно 576 276 евра.

Претходно во јули годинава на аукција на берза беа ставени и запленети акции на Мијалков.

За потсетување случајот „Империја“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство уште во 2018 година, за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Во истрагата беа опфатени 19 лица, но дел од нив во меѓувреме признаа вина и се спогодија со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за дел постапката беше прекината поради застарување, а за дел имаше решенија за запирање на постапката.

Спогодба постигнаа седуммина, меѓу кои најзвучни беа имињата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев.

Покрај запленетите имот, акции и готовина, Мијалков доби и тригодишна казна.

Пред да биде упатен на издржување на казната, тој ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид, што му овозможи да оди во затворот во Струга кој е од отворен тип.

Треба да знаете
Последни објави