Search

Владата на Нов Зеланд најави укинување на забраната за пушење

Новоформираната влада на Нов Зеланд најави укинување на забраната за пушење за да ги финансира даночните намалувања. Законот, кој беше донесен за време на владата на претходната премиерка Џасинда Ардерн, воведе забрана за продажба на цигари за родените по 2008 година, а примената на оваа мерка треба да започне следната година.

Потегот на новата влада беше критикуван од здравствените работници, а Ричард Едвардс, експерт за јавно здравје на Универзитетот во Отаго, рече дека тоа е ретрограден чекор во однос на водечките здравствени мерки во светот. „Повеќето здравствени групи во Нов Зеланд се згрозени од она што го направи владата и бараат да се промени одлуката“, рече тој за Би-Би-Си. Мерките на претходната влада вклучуваа ограничување на бројот на продавачи на тутун и намалување на нивото на никотин во цигарите, а истражувањата сугерираат дека законите за контрола на тутунот може да спасат до 5.000 животи годишно. Сепак, нацрт-законот наиде на противење од деловните групи во Нов Зеланд.

Сопствениците на дуќани се пожалија на губење приходи, дури и со државни субвенции. Некои пратеници, вклучително и новиот премиер Кристофер Луксон, рекоа дека забраната ќе доведе до создавање на црн пазар на тутун. Неговата Национална партија, која освои 38 отсто од гласовите на изборите на 14 октомври, не ги спомна законите против пушењето за време на изборната кампања.

Се верува дека законите на Нов Зеланд ја инспирирале владата на Обединетото Кралство во септември да објави слична забрана за пушење кај младите. Портпаролката на Риши Сунак рече дека ставот на британскиот премиер остана непроменет по пресвртот на Нов Зеланд.

Парламентот во кој мнозинство имаат владејачките партии треба да одобри поништување на тој закон.

„Идејата дека даночните намалувања ќе ги плаќаат луѓето кои продолжуваат да пушат е апсолутно шокантна“, рече Роберт Биглехал, претседател на иницијативата „Без чад 2025“ во Нов Зеланд. Националната маорска здравствена организација Хапаи Те Хауора го нарече потегот „несвесен удар за здравјето и благосостојбата на Новозеланѓаните“.

Стапките на пушење и болести поврзани со пушењето се највисоки кај домородното население Маори. Според истражувањето за јавно здравје 2022 година, законите без чад ќе му заштедат на здравствениот систем на Нов Зеланд 1,3 милијарди њузеландски долари во следните 20 години

Треба да знаете
Последни објави