Ердоган: Исклучувањето на струја, вода и храна што го прави Израел во Газа е воено злосторство

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го обвини Израел дека „врши воени злосторства“ во Газа со тоа што ги спречува луѓето во опколената енклава да имаат пристап до електрична енергија, вода и храна.

„Израел, кој врши воено злосторство со исклучување на струјата, водата и храната, се обидува да спречи да се слушне вистината за угнетувањето на луѓето во Газа со тоа што ја прекинува нивната комуникација однадвор“, рече Ердоган во видео порака на Меѓународниот самит за стратешки комуникации во Истанбул.

Тој истакна дека Турција разоткрила бројни лажни тврдења од страна на Израел преку Центарот за борба против дезинформации, пренесува Дејли Сабах.

„Меѓу цивилите кои Израел намерно ги гаѓа не се само деца и жени. Израел убива и новинари кои се обидуваат да ја откријат светската хуманитарна трагедија во Газа и покрај сите тешкотии. Во израелските напади досега се убиени десетици новинари“, изјави турскиот лидер.

Тој, исто така, го критикуваше известувањето на меѓународните медиумски организации за време на конфликтот, кое го нарече пристрасно.

„Многу медиуми ги затворија очите пред злосторствата на Израел против човештвото, воените злосторства во Газа. Тие не го сменија ставот дури ни кога израелските безбедносни сили ги убија нивните колеги. Сметам дека со овој однос не им наштети само на семејствата на убиените новинари, туку и на другите претставници на медиумите“, рече тој.

Ердоган рече дека меѓународните организации и глобалниот систем „не успеале на тестот“ пред „дивјаштвото на Израел“.

Тој додаде дека Советот за безбедност на Обединетите нации, задолжен за одржување на глобалниот мир и стабилност, воопшто не функционирал во овој процес.

Треба да знаете
Последни објави