Search

Дел од мрачната историја на Оксфорд и Кембриџ

Британските универзитети на Оксфорд и Кембриџ постојано се рангирани меѓу најдобрите во светот и се прославени со својата академска извонредност. Но, мрачната историја е на секој чекор бидејќи Велика Британија, се чини, допрва и уште долго ќе треба да се соочува со своето колонијално минато. Од 2018 година, посетителите може да ги чујат и не толку пријатните приказни од речиси илјадагодишната историја на најстарите универзитети на Островот.

„Ова не е стандардна тура“, гласи воведната реченица на студентката Клер Меккен пред да ја поведе својата група посетители низ калдрмите на Оксфорд, коишто привлекуваат околу седум милиони луѓе секоја година, пренесува „Индекс“.

Величествените градби, многу од нив средновековни, сведочат за богатата историја на универзитетскиот град, којшто се наоѓа на 80 километри северозападно од Лондон. Повеќето британски премиери, вклучително и сегашниот – Риши Сунак, како и главниот опозициски лабуристички лидер Кир Стармер, се образувале зад високите ѕидини на Оксфорд.

Но, првата станица на турата е колеџот „Ориел“, пред којшто се наоѓа статуата на некогашниот студент Сесил Роудс – колонизатор кој во 19. век сонувал за „британска Африка“ од Кејп Таун до Каиро. Меккен, инаку по потекло од Јужна Африка, прочита цитат од Роудс каде што тој ги опишува Африканците како „најодвратните примери на човечки суштества“. Таа ја истакна и неговата улога во Втората бурска војна и фактот дека тој ја основал „Де берс“, компанија што сè уште е светски лидер во трговијата со дијаманти.

Студентката-водич натаму говори за експлоатацијата на рудниците што му донеле богатство на Роудс и му овозможиле да ja востанoви Постдипломската стипендија на Роудс – една од најпрестижните академски награди во светот. Поранешниот американски претседател Бил Клинтон е меѓу добитниците на таа стипендија.

Меккен праша: Што треба да се случи со споменикот на Роудс? …Кампањата „Роудс мора да падне“, инаку, почната од група студенти, бараше да се отстрани споменикот, но Оксфорд во 2021 година одлучи статуата да остане на своето место.

Според многу историчари, уривањето на кој било споменик е вандализам. Тие велат: секој споменик е обележје на своето време – и позитивните, и негативните личности се дел од историјата.

Уште една занимливост е што девојките добиле право да студираат на Оксфорд во 1870 година, но морале да чекаат до 1920. за да им бидат признаени дипломите. Ним, на жените, исто така, долго време им било забрането да влегуваат во библиотеките за да „не ги вознемируваат“ мажите, објаснува Меккен. „Ориел“, основан во 14. век, е последниот колеџ при Оксфорд што ги отвори вратите за жените – кон крајот на 1985 година.

Следи колеџот „Ол соулс“, којшто Меккен го опишува како „најексклузивниот колеџ во Оксфорд“. Основан во првата половина на 15. век, тој е еден од најелитните и прима само двајца или тројца нови студенти годишно.

– „Ол соулс“ ни покажува како е стекнат престиж преку економска експлоатација и ропство, вели Меккен.

По протестите од 2020. против насилството врз црнците, „Ол соулс“ објави дека повеќе нема да ја именува својата библиотека по Кристофер Кодрингтон – уште еден озлогласен некогашен студент од 17. век. Имено, по неговата смрт во 1710 година, тој му оставил на Универзитетот дел од своето богатство стекнато на семејните плантажи во Индија, коишто биле работени од робови од африканско потекло.

Повеќе од 20.000 луѓе учествувале во овие туристички прошетки со приказни од темната страна на историјата, од почетокот на 2018 година. Такви има и во Кембриџ, а иницијаторите се надеваат дека ќе ги прошират и во Лондон, а натаму и во Париз и на други места.

– Дали знаевте дека Оксфорд и Кембриџ заедно поседуваат повеќе земја отколку Англиканската црква?, прашува водичот Ешли Ленс на својата тура близу раскошната капела на „Кралскиот колеџ“ при Универзитетот Кембриџ.

Колеџот „Сент Џонс“, пак (основан 1511 година, при Кембриџ), прифаќа жени-студентки од 1980 година. Но, кога пристигнале првите девојки, службеникот го спуштил знамето на половина копје и носел црна лента…

Покрај толку многу контроверзии од минатото, посетителите и новите студенти велат дека овие информации и приказни се корисни и треба да се знаат. 

Треба да знаете
Последни објави