Search

Саудиска Арабија и Кина потпишаа договор за трговија во нивните валути

Кина и Саудиска Арабија потпишаа договор за размена на локални валути во вредност од околу 7 милијарди долари, продлабочувајќи ги нивните врски бидејќи земјите од Блискиот Исток и пазарите во развој сакаат да придонесат за дедоларизација и префрлање на трговијата кон други валути.

Народната банка на Кина и Централната банка на Саудиска Арабија потпишаа договор за размена на валута, објави Народната банка на Кина. Вредноста на аранжманот е 50 милијарди кинески јуани или 26 милијарди саудиски ријали или 6,93 милијарди американски долари.

Договорот меѓу Пекинг и Ријад за размена на валути ќе важи три години и може да биде продолжен со заедничка согласност, пренесува „Ројтерс“.

„Воспоставувањето билатерален аранжман за размена на валути меѓу Кина и Саудиска Арабија ќе помогне да се зајакне финансиската соработка меѓу двете земји, да се прошири употребата на локалните валути и да се промовира трговијата и инвестициите“, се вели во соопштението на Народната банка на Кина.

Кина, која ја промовира употребата на јуанот во трансакциите со големите извозници на енергија и стоки, е најголемиот трговски партнер на Саудиска Арабија.

Oвој договор е најнов знак за зајакнување на односите меѓу Пекинг и Ријад. Иако Саудиска Арабија долго време беше еден од главните добавувачи на нафта во Кина, деловните врски се проширија во последниве години, при што Саудиска Арамко инвестираше милијарди долари во кинескиот петрохемиски сектор, а кралството се обидува да привлече кинески технолошки компании.

Кинескиот претседател Си Џинпинг минатата година го посети Ријад, а двете земји потпишаа начелни договори во вредност од 50 милијарди долари. Саудијците сакаат да ја зајакнат соработката со Кина додека влијанието на САД се намалува.

Тие поблиску соработуваат и за геополитички прашања. Во март, Кина помогна да се постигне приближување меѓу Саудиска Арабија и Иран. И во понеделникот, делегација на Блискиот Исток предводена од саудискиот министер за надворешни работи отпатува во Пекинг на разговори за деескалација на војната меѓу Израел и Хамас.

Треба да знаете
Последни објави