Search

Петровска: Продолжуваме со поддршката за Украина, ја реализиравме првата обука на украински војници

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва во Тема на денот во Дневникот на Македонската телевизија информираше дека е реализирана обука на украински војници во Северна Македонија, со што, како што рече, се потврдува нашата заложба за континуирана поддршка кон правото на Украина да се одбрани од руската агресија.

„Се понудивме и веќе ја реализиравме првата обука, првиот тренинг на украински војници кои успешно ја завршија обуката во Република Северна Македонија во објекти, во локации кои се сопственост на Армијата на Република  Северна Македонија за што беше донесена соодветна одлука на Владата на Република Северна Македонија, а која од безбедносни причини ја соопштуваме откако таа заврши”, рече министерката. Петровска додаде дека ваквиот вид на поддршка и преку тренинзи и преку обуки кои се димензионирани согласно побарувањата на украинската страна ќе продолжи и во текот на 2024 година и сè додека за тоа има потреба.

Северна Македонија се вбројува во првите пет држави од членките на Алијансата кои најмногу помош пружиле на украинската војска во отпорот и во борбата кои тие секојдневно ја имаат повеќе од една година, рече министерката, и порача дека нема да отстапиме од таквата заложба.

„Остануваме отворени доколку има потреба од донација на оружје или каков било вид на вооружување кое го поседуваме, а кое согласно прописите во нашата армија не е неопходно и може да биде дадено. Таква одлука нема двоумење дека ќе донесеме”, рече министерката.

Северна Македонија досега во десет наврати донираше воена и хуманитарна опрема за одбрана на Украина од руската агресија.

Треба да знаете
Последни објави