Search

Монако се шири кон морето, нивната копнена територија ќе порасне за шест хектари

Проектот наречен Маретера, кој ќе додаде уште шест хектари на градот држава Монако на Медитеранот, ќе биде завршен за една година, осум месеци пред договорениот рок, соопшти вчера компанијата Anse du Portier, промотор на проектот вреден две милијарди евра.

Малото кнежевство, со вкупна површина од 2,03 км2 и население од 39.000, веќе се прошири за 40 хектари кон морето во 50-тите, но последниот проект почнат во 2015 година е неспоредлив, дури и кога се споредува со зградите на Блискиот Исток, благодарение на строгите сеизмички и еколошки прописи, а исто така и поради длабочината.

Идниот луксузен кварт ќе се гради буквално на море, поточно на подводен насип длабок 50 метри. Се наоѓа веднаш до „Грималди форумот“, конгресниот центар во Монако, и вклучува пет згради, вкупно 130 станбени единици и десет вили.

Луксузниот станбен комплекс го дизајнираа италијанскиот архитект Ренцо Пијано и компанијата Vallode et Pistre. Досега се продадени речиси сите станбени единици. АФП пишува дека цената на квадратот во Монако може да биде и до 120.000 евра.

Допрва треба да се доизградат градинитем кои ќе се раззеленуваат, а населбата ќе има шеталиште покрај морето, мало пристаниште и парк достапен за секого. „Маретера е исклучително достигнување за Монако“, рече Ги-Томас Леви-Сусан, директор на Anse du Portier.

„Затоа можам да кажам дека морето е нов терен за освојување, но не смееме да го уништиме“, рече тој и додаде дека се надева оти со овој проект ќе може да покаже дека тоа е можно и дека ќе се унапредат „размислувањата и добрите практики во овој домен“.

Леви-Сусан посочува дека во новоизградената станбена зона, која ќе се наоѓа помеѓу два подводни природни резервата, на карпи и вештачки гребени, се пресоздадени нови живеалишта за флората и фауната.

Треба да знаете
Последни објави