Search

За Петровска посетата на Столтенберг е доказ дека Македонија е гарант на безбедноста и стабилноста на регионот

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во дневникот на Македонската телевизија, во однос на пораките кои ги сподели генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг порача дека граѓаните треба да бидат горди зашто Северна Македонија е гарант на безбедноста и стабилноста на регионот, нешто што е препознаено и од Алијансата имајќи предвид дека генералниот секретар Столтенберг својата регионална посета ја завршува во Северна Македонија, а во Скопје утре ќе се одржи и неформалниот лидерски самит на сојузничките земји – Северна Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Словенија.

Министерката посочи дека директна опасност по безбедноста на државата нема и порача дека и покрај стравувањата, Русија не може да предизвика војна на Балканот ако за тоа нема сојузници, а дека во Северна Македонија и земјите од регионот сојузници за нови војни нема.

Во контекст на зацврстувањето на регионалната безбедност и оневозможувањето на обидите за влијание од трети земји во земјите од регионот, најдобар одговор е процесот на евроатлантска и европска интеграција.

„Се надевам дека и политичките субјекти во нашата држава особено после денешното обраќање на Генералниот секретар во Собранието ќе ја разберат важноста од носењето на политички одлуки. Во 2018 година не беше лесно да се потпише Преспанскиот договор и да се донесе една од можеби најтешките политички одлуки во нашата историја, меѓутоа денес сите ние се гордееме кога ги слушаме овие пораки, особено пораките дека припадниците на македонската Армија рамноправни учествуваат со припадниците на сојузничките сили насекаде во светот“, рече министерката.

Тоа го оправдува секој еден влог кој како што граѓани сме го дале и сме го направиле во поглед на нашето пристапување во НАТО Алијансата, истакна Петровска, и додаде дека за Владата и за неа лично како министерка и како граѓанин, европската интеграција на Северна Македонија нема алтернатива.

Треба да знаете
Последни објави