Search

Спасовски во посета на ИКТ Центарот во Прилеп: Изградивме капитален објект од дигиталната инфраструктура, благодарение на поддршката од ЕУ воведуваме европски стандарди дома

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски го посети ИКТ Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата во Прилеп, чијашто изградба беше промовирана пред 4 години, а е во рамки на истоимениот проект финансиран со средства од Програмата за претпристапна помош на Европската Унија – ИПА.

„Токму овој Центар, кој веќе подолго време е целосно оперативен и функционален, претставува реален производ на таа наша определба за континуирано градење на дигитална инфраструктура. ИКТ Центарот претставува back-up, односно резервна база за клучните, витални информациски системи во земјава, кој гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и, исто така, ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор и ќе овозможи компатибилна размена на информации со другите институции. Посебно задоволство претставува фактот што изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион една државна институција гради модерен објект за свои потреби”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека покрај МВР, ИКТ Центарот го користат повеќе државни институции, меѓу кои и Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа на РСМ,  интерес за негово користење изразија и повеќе министерства и агенции,  a постои отвореност за соработка и со сите други субјекти и институции.

Овој капитален проект претставува заокружување на дигиталната трансформација на процесите на МВР реализирани во периодот од 2017 до денес, со цел зголемување на ефикасноста и гарантирање на безбедноста, но пред сѐ давање одговор на барањата на граѓаните за јавни услуги. Дигиталната трансформација отвора можности и за транспарентен и респонзивен систем, подобрување на услугите кон граѓаните, бизнисите и администрацијата, односно сервисна ориентација на МВР, согласно концептот „Полицијата – сервис на граѓаните”.

„Во рамки на овој процес, МВР е поврзано на Платформата за интероперабилност, преку која  активно разменува податоци со останатите институции, а се зголемува и бројот на услуги од МВР на Националниот портал за електронски услуги. Воведен е и Интегриран полициски систем за евиденција на инциденти, документи и активности на полицијата поврзани со оружје, како и нов систем за регистрирање и управување со оружје, со кој се опфатени и физички лица и правни лица. Со софтверското решение – Преземање на царинска декларација направивме дигитализација и на процесот на регистрирање на возила кои се увезуваат од странство”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој појасни за ТЕТРА системот за кој се користи и ИКТ Центарот во Прилеп,  кој е меѓу 40-тината реализирани проекти на МВР благодарение на ИПА средствата од пристапната помош на Европската Унија, а преку кој се врши координација и комуникација на сите полициски службеници во министерството, но и на други државни институции кои се дел од јавната безбедност: Противпожарни единици, Армијата на РСМ, Центар за управување со кризи и единствениот број за итни повици Е-112, Итната медицинска помош, АНБ и др.

На крајот од своето обраќање Спасовски додаде дека  овие големи, капитални  проекти на МВР, вклучително и неодамна промовираниот нов објект на Одделот за форензички испитувања со потребните лаборатории, се реализирани благодарение на поддршката на Европската Унија и учество на буџетски средства.  

„Тоа е најдобриот начин да ги воведеме европските стандарди дома, но и да овозможиме Република Северна Македонија да биде способна да се прилагоди на непредвидливата, комплексна и променлива безбедносна реалност. За да ги заштитиме животите и имотот на нашите граѓани и институции, нашиот одговор мора да биде брз, ефикасен и координиран со меѓународните пријатели и партнери. Токму тоа и го правиме!”, рече министерот Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави