Search

Гутереш: Протекторат на ОН во Газа не е добро решение

Протекторат на ОН во Газа по војната нема да биде решение, изјави денеска генералниот секретар на светската организација и се заложи за „транзиција“ во која ќе бидат вклучени повеќе актери, како што се САД и арапските земји.

„Оваа трагедија може да се претвори во можност, а за тоа да биде возможно, неопходно е по војната решително и неповратно да се движиме кон решение“, изјави Антонио Гутереш за новинарите.
Ова се постигнува преку зајакната палестинска управа и преземање на одговорностите во Газа, рече тој.

„Но, палестинската управа не може да дојде во Газа со израелски тенкови“, додаде тој и рече дека меѓународната заедница треба да предвиди преоден период.

„Не мислам дека протекторатот на ОН во Газа е решението. Мислам дека ни е потребен пристап со повеќе засегнати страни, во кој би соработувале различни земји, различни субјекти“, рече тој.
Тој прецизираше дека меѓу актерите би биле САД кои ќе бидат гарант за безбедноста на Израел и арапските земји од регионот кои им се неопходни на Палестинците.

„Целиот свет треба да се здружи за да создаде услови за транзиционен период кој ќе овозможи зајакната палестинска управа да ги преземе одговорностите во Газа“, рече тој.

Гутереш уште еднаш го осуди кршењето на меѓународното хуманитарно право и заштитата на цивилите во Газа.

Треба да знаете
Последни објави