Search

Ѓоковиќ победи во Торино за нов рекорд во тенисот

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ покажа зошто е најдобар во „белиот спорт“. Вечерва по седми пат го освои завршниот АТП турнир. Во Торино во финалето со 2:0 во сетови го победи Италијанецот Јаник Синер.

Ѓоковиќ слави уште еден голем трофеј во кариерата, српскиот тениски ас одигра доминантен меч против Синер од кого загуби во групната фаза од завршниот турнир во Торино.

Најдобриот тенисер во светот играше долги мечеви во групата, но полуфиналето и финалето ги доби со по два сета.

Вечерва првиот сет против Синер го доби со 6:3 со еден освоен брејк, во вториот славеше со идентични 6:3, но со два освоени брејка.

Ѓоковиќ ќе ја заврши годината како светски рекет број еден по рекорден осми пат, што исто така го обезбеди во Торино, а меѓу врвните постигнувања кои ги оствари оваа сезона се и израмнувањето на севкупниот рекорд од 24 гренд слем титули и освојувањето на 40. Мастерс трофеј.

На српскиот тенисер му требаат уште две титули за да ги има 100, при што пред него се само Федерер со 103 и Џими Конорс со 109.

Треба да знаете
Последни објави