Search

Нов штрајк на железничарите во Германија

Железничкиот сообраќај во Германија запре поради еднодневен штрајк на машиновозачите. Само мал број возови сообраќаат со вонреден возен ред. Покрај меѓуградскиот и меѓународниот железнички сообраќај, погоден е и локалниот и градскиот железнички систем, кој е дел од концернот на Германските железници (ДБ).

Синдикатот на германските машиновозачи (ГДЛ) ги покани своите членови на еднодневен предупредувачки штрајк од среда до четврток навечер, со намера да го зголеми притисокот врз раководството на ДБ пред почетокот на преговорите што требаше да започнат в петок.

Раководството на ДБ го осуди штрајкот како „целосно неоснован“ и како мерка која е на штета на милиони патници. ДБ го откажа почетокот на преговорите за зголемување на платите поради одлуката на ГДЛ да ги повика своите членови на штрајк.

Шефот на Синдикатот на германските машиновозачи, Клаус Веселски, оспоруван поради неговата агресивна политика и честите повици за штрајк, овој протест кој беше сосема неочекуван, го оправда со „ неподготвеност на ДБ“ да го прифати барањето на ГДЛ.

Синдикатот на машиновозачите бара од ДБ повисока плата за 555 евра, премија за ублажување на инфлацијата и намалување на работната недела од 38 на 35 часа.

ДБ се согласува со условите на ГДЛ за зголемување на платите, но одбива да ја скрати работната недела. Бруто платите на машиновозачите, во зависност од сојузната покраина, се движат меѓу 3.500 и 4.500 евра.

Треба да знаете
Последни објави