Search

Курти: Косово нема да се испразни по либерализацијата на 1 јануари

Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека во Косово има емиграција, но нема празнење на земјата и дека по 1 јануари, кога стапува во сила визната либерализација за косовските граѓани ситуацијата нема да се промени, бидејќи тие што ќе влезат во земјите на ЕУ ќе мора и да се вратат.

Одговарајќи на критиките на опозицијата дека лошите политики на неговата влада придонесуваат за заминувањето на населението од Косово, Курти на денешната собраниска седница, на која се разгледува предлог-буџетот рече дека, за разлика од 90-тите години, косовските граѓани веќе не одат на запад за политички и економски азил.

– Не мислам дека Косово се празни. Има иселување, но нема празнење на Косово и нема да има ниту по 1 јануари. Знаете дека тие што ќе одат сега без потреба од виза во Шенген зоната мора и да се вратат. Не одат по политички и економски азил како во 90-тите, рече Курти.

Според косовскиот премиер, визната либерализација ѝ помага на бизнис заедницата и студентите.

Граѓаните на Косово од 1 јануари 2024 година ќе можат да патуваат без визи во земјите на Шенген-зоната, освен во Шпанија, која го задржува визниот режим за имателите на косовски пасоши.

Треба да знаете
Последни објави