Search

Кој ќе „трча“, а кој ќе „става сопки“ во трката за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ?

На маргините од бројните актуелни случувања, во тек е „тивка“ дискусија во политичките партии за настапот на претстојните претседателски избори. 

Тоа е особено изразено во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и во помалите партии од десниот блок, каде веќе се јавуваат и првите најави за кандидатури.

Иако терминот се уште е далеку, веќе е јавно обзнаена првата кандидатура, а тоа е докторот Вело Марковски кој најави дека започна процедура за собирање на потребните потписи. 

Марковски е поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и јавно при објава на кандидатурата кажа дека очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

Интересна објава пред две недели имаше и Јове Кекеновски, исто така поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, кој во своја објава на социјалните мрежи напиша дека е подготвен за нови предизвици и победи, па некои тоа го видоа како негова најава за кандидат за претседател. 

Кекеновски претходно еднаш имаше учествувано на изборна конвенција за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш убедливо победи Ѓорѓе Иванов, кој потоа победи и на претседателските избори. 

Своја кандидатура не исклучува ниту претседателот на партијата ГРОМ и градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој „до вчера“ беше близок со ВМРО-ДПМНЕ. 

Со сите овие најави „се згуснува редот“ на кандидати од условно речено десничарскиот политички блок, а најголемата опозициска се уште е далеку од промовирање на својот претседателски кандидат. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека кандидатот ќе биде познат откако ќе заврши комплетната партиска процедура. 

„ВМРО-ДПМНЕ има една сериозна внатрешна процедура, преку организирање изборна конвенција која што е статутарна одредба, делегатите кои што произлегуваат од членството ќе го дадат своето мислење, очекувам да има кандидати кои ќе бидат и мажи и жени, па делегатите на конвенцијата нека го изберат најдоброто решение за Македонија пред се а потоа и за ВМРО-ДПМНЕ“ рече Мицкоски пред неколку денови. 

Информациите што кружат во јавноста велат дека изборот ќе се сведе помеѓу професорите од Правниот факултет во Скопје, Александар Спасеновски и Гордана Силјановска Давкова која беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на последните избори во 2019 година. 

Дека овие две имиња се можна опција за кандидати на ВМРО-ДПМНЕ пред извесно време пишуваше и неделникот Фокус, каде излезе информација дека и Спасеновски и Силјановска Давкова се меѓу 22те лица потенцијални кандидати на кои партијата им го мери рејтингот во јавноста. 

И Спасеновски и Давкова засега јавно ниту демантираа ниту потврдија дека ќе „трчаат“ на претседателските избори 2024.

Работите, барем кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ ќе станат многу појасни кон крајот на оваа, односно почетокот на следната година, кога дефинитивно ќе се знае кој „ќе трча“ на изборите, а дотогаш има доволно време и за други независни кандидати, кои со своите кандидатури би „ставале сопки“ во изборната трка.

Треба да знаете
Последни објави