Search

Верстапен: Трката во Лас Вегас е 99 отсто шоу и еден отсто спортски настан

Актуелниот светски шампион во Формула 1, возачот на Ред Бул, Холанѓанецот Макс Верстапен денеска изјави дека не му се допаѓа трката за Големата награда на Лас Вегас.

Во сабота на 18 ноември ќе се одржи трка низ улиците на Лас Вегас.

„Ова е 99 отсто шоу и еден отсто спортски настан“, рече Верстапен.

За прв пат во последните 40 години, трка ќе се одржи во сабота во 22 часот по локално време.

„Воопшто не ми се допаѓа тоа. Многу е тешко што треба да работиме, особено на крајот од сезоната. Ова нема многу смисла за мене“, додаде Верстапен.

Тој истакна дека ни најмалку не го интересира забавата и додаде дека „нема многу емоции“ кон Лас Вегас.

„Ќе го кажам моето мислење дали е добро или лошо, јас сум таков. На некои луѓе им се допаѓа шоуто, мене воопшто не ми се допаѓа. Јас сум возрасен човек, така што најважна ми е конкуренцијата. Сакам да бидам во Лас Вегас, но не и за трките“, додаде возачот на Ред Бул.

Возачите и претставниците на тимовите присуствуваа на свеченото отворање во средата.

„Неверојатно е да се биде овде. Возбудливо е – тоа е само неверојатно место, толку многу светла, одлична енергија. Ова е големо шоу, тоа е сигурно. Никогаш нема да биде како Силверстоун по бројот на навивачи, но можеби со текот на времето луѓето од оваа заедница ќе ја сакаат Ф1“, изјави возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон.

Возачите имаа бројни маркетиншки обврски во Лас Вегас.
„Тоа е бизнис. Можеби ќе видиме добра трка. Можеби патеката ќе биде добра, можеби ќе биде лоша. Нема да критикувам ништо додека не заврши трката. „Слушам дека многу луѓе се жалат на насоката во која оди Ф1, но мислам дека сопствениците одлично си ја вршат работата“, додаде Хамилтон.

Верстапен го држи првото место во генералниот пласман на возачи со 524 бодови. Тој веќе ја имаше обезбедено својата трета последователна титула во Ф1. На второто место е неговиот тимски колега Серхио Перез со 258 поени, додека Хамилтон е трет со 226.

Последната трка во сезоната ќе се вози на 26 ноември на Големата награда на Абу Даби.

Треба да знаете
Последни објави