Спасовски: Факти 2017-2023, решивме системски прашања во делот на следењето на комуникациите

Во рамки на кампањата МВР Факти 2017- 2023, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се осврна на преземените активности во рамки на безбедносно – разузнавачкиот систем.

„На стратешко ниво, реформата на безбедносниот систем не беше прашање на избор, туку прашање на опстанок, силно изразена волја на сите општествени фактори, на јавноста, на граѓаните, конечно да се воспостават норми и концепт коишто ќе гарантираат заштита на човековите права и слободи, но, истовремено, ќе бидат и силна брана против злоупотребата и незаконитото работење.

Примарно, во однос на реформата на оперативно ниво, МВР имаше исклучително значајна улога и комплексна задача, со оглед на фактот што во Програмата за пристапување кон НАТО беше неопходно да се спроведат реформи во безбедносно-разузнавачкиот систем, кои произлегоа како нужност и од едно од клучните преговарачки поглавја на ЕУ – Поглавјето 24.

Со посветена работа ги реализиравме препораките од групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото, во врска со следењето на комуникациите.

Токму во таа насока е формирана Оперативно-техничката агенција (ОТА), која отпочна со работа на 1 ноември 2018 година, како независен државен орган за следење на комуникациите и овозможување на пристап до податоци на органите овластени за следење на комуникациите.

Непосредно после ова, на 20 ноември 2018 година, од страна на Владата беше усвоен предложениот модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем, со кој Управата за безбедност и контраразузнавање се трансформираше во посебна агенција, под ингеренции на Владата, со превентивна, а не репресивна функција и со јасно дефинирани цели и задачи, без полициски овластувања.

За таа цел беше подготвен и усвоен нов Закон за Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која отпочна со работа на 1 септември 2019 година. Воедно, на овој начин ги надминавме и констатираните недоследности кои беа утврдени во претходните извештаи на Европската комисија за нашата држава.

Со цел да се уреди поставеноста и надлежноста помеѓу безбедносно-разузнавачките служби, подготвивме Закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, кој беше изгласан со двотретинско мнозинство на 99. седница на Собранието на Република Северна Македонија, и со кој се предвиде формирање на посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

Со задоволство можам да констатирам дека овие процеси се одвиваа транспарентно и со вклученост на сите релевантни субјекти, со што се воспоставија темелите на натамошната надградба на целокупниот безбедносен систем.

Верификацијата од Европската комисија не изостана и таа по завршувањето на оваа реформска фаза гласеше: „Република Северна Македонија ги исполни сите барања за отпочнување на процесот на пристапните преговори“, стои во овјавата на Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави