Search

Одбележани 79-години од ослободувањето на Скопје

– Со положување цвеќе и обраќања на градоначалничката на Град Скопје и претседателот на Сојузот на борци денеска пред споменикот „Ослободители на Скопје“ беа одбележани 79 години од ослободувањето на Скопје. 

Цвеќе положија собраниска делегација составена од потпретседателот Хусни Исмаили и пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Тони Јаревски, владина делегација составена од министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, министерот за обрaзование и наука Јетон Шаќири и заменик министерот за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, како и претставници од Советот на Град Скопје, Сојузот на борци…..

Претседателот на Сојузот на борци на Скопје, Наум Буревски во своето обраќање рече дека денес со гордост може да се каже дека пред 79 години народот организирано застанал на страната на прогресивниот антифашистички свет и се изборил за својата слобода, самостојност и самобитност за признавање на македонскиот јазик.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска истакна дека утрово ја одржале традиционалната средба со Сојузот на борци и со оние кои директно учествувале во ослободувањето, не само на Скопје, туку и на државата, како и со продолжувачите на делото на оние кои, како што рече, се бореле денес да живееме во слободна Македонија.

 – Ме радува тоа што наредната година одбележуваме 80 години, меѓутоа и тоа што секоја година слушаме конкретни предлози, не само како да се осврнуваме на минатото и да паметиме што е она што се случило, туку и да се осврнеме малку и кон иднината и кон што е она што не очекува. Оние конструктивни предлози што ги слушнавме за тоа како да ја одржиме идејата и како да иницираме да расте љубовта, не само кон градот Скопје,  туку и кон цела Македонија, кои ги слушнавме од нашиот градски одбор на Сојузот на борците навистина ме радува, рече Арсовска.

Деведесет и деветгодишниот борец од Прилеп, Методија Конески, кој покрај останатите борби, учествувал и во ослободувањето на Скопје, во изјава за медиумите го раскажа своето искуство во борбата.

 – Учествував во сите партизански движења од 1944 година до 1945 година, па потоа учествував и на Сремскиот фронт, рече Конески, додавајќи дека нивната идеја била да се ослободат од тогашните непријатели Срби и Бугари.

На 13 ноември 1944 година, борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација. По неколкудневни тешки борби,  борците со победоносен марш влегоа во градот. 

Треба да знаете
Последни објави