Search

Бизнис медиумот Форбс на 14 ноември почнува со работа во Србија

Најпознатиот светски бизнис медиум Форбс од 14 ноември ќе започне со работа во дигитално издание во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Новото дигитално издание на Форбс Србија ќе биде вреден извор на информации за инвеститорите, претприемачите и сите оние кои се заинтересирани за динамични настани на деловната сцена. Преку написи, анализи, интервјуа и ексклузивни приказни, читателите ќе можат да ги следат трендовите, да ги разгледаат можностите за раст и да донесуваат информирани одлуки.

Српското издание е само едно од петте лиценцирани изданија отворени во регионот од United Media преку стратешко партнерство со Форбс, а уредник на Форбс Србија е Иван Радак.

-Во денешниот свет на брзи и кратки информации, Форбс ќе биде место на дијалог и додадена вредност за сите деловни луѓе во нашиот регион, особено за оние кои сакаат да станат такви. Сигурен сум дека во нашата содржина ќе најдат многу корисни совети и идеи, посочи Радак.

Форбс Србија, како и изданијата во Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора, ќе има целосен пристап до сите содржини на Форбс, но ќе носи и локални стории. Искусни тимови од новинари и уредници од регионот ќе се обидат да создадат уникатна содржина прилагодена на интересите и потребите на публиката.

Треба да знаете
Последни објави